Филм: Капетанка Марвел (Captain Marvel)
Керол Денверс станува еден од најпопуларните херои во универзумот кога Земјата ќе се најде на средината во галактичката војна меѓу две вонземни раси
Режија: Ана Боден, Рајан Флек
Улоги: Бри Ларсон, Семјуел Л. Џексон, Бен Менделсон
Времетраење: 124 минути
Премиера: 08 март 2019
Јазик: англиски
Жанр: акција, авантура, научна фантастика
Наша оценка: 7/10
Ваша оценка:
Најновото продолжение во универзумот на Марвел доаѓа во совршениот момент пред долго очекуваниот „Одмаздници: Завршница“ (Avengers: Endgame). Овој пат ја запознаваме Капетанката Марвел, чија улога ја толкува незаменливата Бри Ларсон. Со својот брилијантен перформанс, таа целосно ја оживува првата суперхеројка на Марвел што добива свој сопствен филм и без сомнение ќе биде еден до најинтересните ликови досега.
Што се однесува до самата приказна, морам да признам дека филмот не е нешто невидено или нешто што ќе се помни уште долго. Станува збор за типично претставување на нов Марвел лик, во комбинација со дел од најсаканите карактери досега и крај што можете да го предвидите од самиот почеток. Имајќи го тоа на ум, има нешто што никогаш нема да го заборавиме, а тоа е огнениот карактер на Вирс.
Таа е бестрашна, иако не знае која е и од каде потекнува. Вирс го изгубила своето сеќавање пред 6 години и сега се обидува да го најде своето место на планетата на Кри. И иако таа е убедена дека припаѓа таму, по сплет на околности ќе заврши на планетата Земја и ќе почне да открива дека можеби нејзината амнезија не е случајна. Работејќи рамо до рамо со единствениот Фјури (Семјуел Л. Џексон), таа ќе ја открие својата историја и конечно ќе ја пронајде својата мисија.