Филм: Џејсон Борн (Jason Bourne)
Најопасниот поранешен оперативец на ЦИА открива нови информации за своето минато
Режија: Пол Гринграс
Улоги: Мет Дејмон, Томи Ли Џоунс, Алиша Викандер
Времетраење: 123 минути
Премиера: 28 јули 2016
Јазик: англиски
Жанр: акција, трилер
Наша оценка: 7/10
Ваша оценка:
Многумина би рекле дека „Џејсон Борн“ е сосема непотребен филм, но тоа не го прави лош за гледање. Проблемот е што не постои добра причина за франшизата која доминираше со претходната декада да се врати на големото филмско платно, особено кога станува збор за тура низ најголемите филмски моменти од претходните делови. Имајќи го ова на ум, постојат и неколку сцени каде што овој филм навистина заживува. Дури и новиот карактер, толкуван од страна на Алиша Викандер, добитничка на Оскар, е одличен додаток на тимот. Но, сепак, општото чувство кое ќе го добиете додека го гледате овој дел е дека има премногу навраќања на веќе видени сцени.
Приказната започнува така што можеме да го видиме главниот карактер како се крие од јавноста и се препушта на борби за пари, кога еден стар пријател ќе го врати назад во игра. Наводно постојат нови информации кои тој треба да ги знае за тајната програма на ЦИА која го создала него, но и која му го згорчила животот. Ова не е нешто што досега не сме го виделе во претходните делови, но како основа за самата приказна, сепак е добро составено. Ако ги тргнеме настрана повторувањата, филмот сепак ни дава неколку свежи детали. Еден од нив е и ликот на Алиша, Хедер Ли – компјутерски гениј кој понекогаш работи за, а понекогаш против Борн, во зависност од нејзините сегашни цели.
Со неколку зборови, ако сте долгогодишен љубител на Џејсон Борн, тогаш без сомнение ќе ви се допадне и овој дел. Особено ако уживате во носталгичните навраќања на минатото. Но, не ни верувајте нам. Дајте му шанса и потоа споделете го вашето искуство со нас.