Филм: Чувари на галаксијата (Guardians of the Galaxy)
Група од интергалактички криминалци се приморани да работат заедно со цел да го спасат универзумот
Режија: Џејмс Ган
Улоги: Крис Прет, Вин Дизел, Бредли Купер, Зои Салдана, Дејв Баутиста
Времетраење: 121 минута
Јазик: англиски
Премиера: 1 август 2014
Жанр: акција, авантура, научна фантастика
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Зарем некој би помислил дека Марвел би направиле лош филм? Станува збор за легендарниот отпадник „Star-Lord“, човек од планетата Земја чие вистинско име е Питер Куил (Крис Прет). Тој како мал бил киднапиран од страна на вонземјани, кои потоа го одгледале како свој и го претвориле во криминалец. Уште во првите неколку моменти ќе можете да забележите дека Питер има уникатна способност да западне во неволја, но исто така и без проблем да се извлече од неа.
Тоа нè води и до настанот кој ќе му го промени животот. Тој ќе успее да украде нешто што доколку западне во погрешни раце, може да значи крај за целиот универзум. Токму оваа кражба и ќе го одведе во затвор, каде што ќе се запознае со уникатна група на криминалци. Овие криминалци многу брзо ќе побудат нова страна во него, онаа човечката, која не мисли само на профит, па токму затоа неговиот живот ќе тргне во нова насока. Кој би рекол дека една група криминалци, кои сами по себе се толку опасни, заедно би можеле да си влијаат да бидат подобри, а со тоа и да станат бранители на целиот универзум?
Единствената причина зошто овој филм нема оценка 10-ка е фактот што на моменти приказната делува малку избрзано. Премногу голем акцент се става на акцијата и специјалните ефекти, па токму поради тоа се добива чувство како да не откриваме сè што ни е потребно за подобро да ги разбереме ликовите и нивните постапки. Од друга страна пак, она што нас нè освои кај овој филм е неверојатниот саундтрак. Питер Куил, кој постојано слуша музика на неговиот вокмен, нè навраќа на прекрасните песни од 60-тите до 80-тите години и токму поради тоа се издвојува од другите филмови од овој жанр.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.