Филм: Чекан на боговите (Hammer of the Gods)
Викиншки борбен поход исполнет со многу крв
Режија: Фарен Блекбурн
Улоги: Чарли Бјули, Клајв Станден, Александра Даулинг
Времетраење: 98 минути
Јазик: англиски
Премиера: 30 мај 2013
Жанр: акција, авантура
Наша оценка: 5/10
Ваша оценка:
„Чекан на боговите“ (Hammer of the Gods) спаѓа во жанровите историска акција и авантура, а главните протагонисти се Викинзи. Имајќи го предвид нивниот углед на храбри и борбени воини, нема да погрешите ако очекувате сцени исполнети со битки и многу крв.Дејството нè враќа назад во деветтиот век кога Викинзите владеат со Британија, но губат неколку битки по ред од Саксонците. Додека чекаат засилување од Скандинавија, кралот е смртно ранет и му остануваат уште само неколку дена живот. Тој смета дека неговите два сина сè уште не се спремни за да го наследат престолот и да го водат народот против Саксонците. Затоа ќе го прати помладиот Стајнар во потрага по Хакан, синот од друга жена од кого тој одмана се откажал, а кој според него поседува квалитети да биде идниот крал на Викинзите.Постариот син Харалд е многу изненаден од одлуката на својот татко, а Стајнар беспоговороно ја слуша заповедта на татко му. За негова несреќа никој не знае каде се наоѓа Хакан, па единствената опција за него е да собере армија од неколку најлојални војници и да тргне на слепо да го бара полубратот и свој иден крал.Нивниот поход содржи три елементи: многу насилство, малку интриги и уште неколку можни предавства. Бруталноста, за жал, е најсилниот адут на филмот. Тој сигурно нема да ве воодушеви со дијалозите кои се преедноставни и служат најмногу за да ја истакнат храброста на Стајнар, или напнатоста која речиси и ја нема. Режисерот Фарен Блекбурн пред овој филм режирал само телевизиски серии, па дури и неговото режисерско деби помалку наликува на епизода од некоја серија.Не ви го препорачуваме ако седнувате да гледате филм кој сакате да ве возбуди, да ве остави да мислите на него и подоцна и на крај да го препорачувате кому стигнете. Тој нека биде вашиот избор за моментите кога ќе ви треба нешто што е лесно за следење, не трае многу долго и служи за релаксација. Секако, ако сте љубители на борбени сцени со изобилство на крв.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.