Филм: Битка за Пацификот (Pacific Rim)
Блескава научно-фантастична акција за борбата против апокалипсата
Режија: Гилермо Дел Торо
Улоги: Чарли Ханам, Ринко Кукучи, Идрис Елба
Времетраење: 131 минути
Јазик: англиски
Премиера: 12 јули 2013
Жанр: акција, научна фантастика, авантура
Наша оценка: 7/10
Ваша оценка:
Ако сакате да видите како изгледа кога Холивуд на префинет начин продуцира блескав блокбастер, а притоа не користи некоја којзнае каква приказна, треба да го изгледате „Битка за Пацификот“. Тој е вистинскиот пример за тоа.Дејството е сместено некаде во иднината, кога некакви суперсилни и брутални вонземски суштества се сокриле меѓу две тектонски плочи во Пацификот и често во „Годзила стил“ ги напаѓаат градовите распоредени покрај океанот. Одговорот на човештвото се состои во роботи изградени, се разбира, од американската армија, а управувани од одлични пилоти кои работат во двојки. Фокусот на дејствието е ставен врз еден од роботите и пилотите задолжени за него.Според многу пати виденото клише, еден од нив е поранешен најдобар пилот кој по една несреќа се повлекол од пилотирање. Но, кога мудриот генерал ќе побара од него повторно да се врати, тој прифаќа и брзо си ги враќа малку закоравените вештини. Покрај тоа, има имиџ на лошо момче поради умерената недисциплина и своеглавоста во работата без разлика дали тоа му носи успех или не. Другиот пилот е една доста вешта Јапонка чие минато ѝ е силен мотив да се вклучи во борбата против вонземјаните.На акцијата ѝ е оставено да го носи филмот, без притоа тој да се поддржи и со добро сценарио. Репликите воглавно припаѓаат на армискиот речник, многу се едноставни и не изгледаат ништо поразлични од некој друг сличен филм. Но, и покрај сето ова, „Битка за Пацификот“ изгледа спектакуларно поради визуелните ефекти. Тие се беспрекорни. Веројатно никогаш не изгледало пореално да видите чудовиште кое излегува од океанот за да уништува сè околу себе. Тие се навистина убава обвивка која ја надополнува солидната акција, но истовремено успева и да го сокрие недостатокот на драма во филмот.Ако се мислите дали да го гледате, имајте предвид дека „Битка за Пацификот“ користи елементи од „Годзила“ и „Трансформери“, така што ако тие два веќе ви се допаднале, нема сомнение дека ќе уживате и во овој филм.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.