Медитативен ресторан инспириран од торнадото
Практично е невозможно да не се заљубите во ова место на прв поглед и да не сакате барем еднаш да ја имате честа да седнете на ручек или на кафе, уживајќи во совршено дизајнираниот простор. Ресторанот се вика „Twister“, а е лоциран во Киев, па доколку ве води патот накај Украина, никако не пропуштајте ја можноста да го посетите.„Виновниците“ кои го комплетирале целокупниот ентериер во овој модерен европски ресторан се дизајнерското украинско дуо Serghii Makhno и Vasiliy Butenko. Ресторанот е составен од двокатен оддел за јадење и релаксирачки бар. Во „Twister“ ќе се чувствувате како птичка во лет, додека го пиете вашиот коктел или додека вечерате под кровот кој потсетува на торнадо.Главната цел додека бил уредуван просторот на овој ресторан, била да се креира една природна, модерна и удобна атмосфера. Двокатниот оддел за јадење, е инспириран од два природни феномена: торнадо и дожд. Шесте балкони во кои се сместени свиените сепариња, имаат облик на торнадо, а ламбите во облик на капки, претставуваат дожд кој паѓа од небото. Сите овие фантастично реализирани модерни дизајнерски идеи, создаваат една природна атмосфера која ја гарантира удобноста на муштериите, а природните кафени нијанси, создаваат смирувачки ефект.Во барот пак, ѕидовите се набоцкани со дрвени стапчиња, а ваквата декорација создава чувство како да седите во птичјо гнездо, во кое ви е топличко и пријатно. Фотелјите, потсетуваат на шишарки, а ќе се сложите дека делуваат како седењето на нив да е многу удобно.Целиот простор е така дизајниран за да создаде релаксирачка атмосфера и да го поттикне медитативниот дух кај муштериите.