Како да изберете тапети за вашиот дом?
Автор: Ана Петровиќ
Самото враќање на тапетите во мода ги натера производителите, покрај класичните дезени, на пазарот да понудат и покреативни ѕидни облоги. Тапетите можат да бидат наједноставниот начин да внесете разиграност и оптимизам во домот. Поради големиот избор на тапети и различните начини на нивно поставување, лесно се вклопуваат во просторот и даваат чувство на префинетост.
Со тапетите не мора да ја обложите целата просторија, напротив. Вашата соба ќе изгледа идеално доколку тапетите ги залепите само на еден ѕид или столб, посебно доколку сте љубители на цветните дезени. Исто така, тапетите можете да ги поставите хоризонтално до половина од ѕидот, а потоа да продолжите со тапети во различна боја, со кои би делувале усогласено. Вистинското прашање е какви тапети да изберете за декорирање на вашиот дом?
Според повеќето дизајнери на ентериер, ѕидот од страната на прозорецот треба да биде покриен со тапети во различен дезен од остатокот на просторијата. Ова е непишано правило, посебно во простори каде што има мали прозорци кои не заземаат голем дел од ѕидот. Тука најмногу одговараат тапети со светли шари за дополнително осветлување на собата.
Во просториите каде што има многу агли и ниски тавани, како собите на поткровје, најдобро одговараат тапети со вертикални шари, кои би придонеле за создавање на илузија на повисок и поголем простор.
Тапетите во црвена, жолта и портокалова боја обезбедуваат чувство на топлина, па така овие нијанси се вистински избор за темни простории и соби свртени кон север.
Но, и тука постојат исклучоци од правилата – дизајнерите препорачуваат одбегнување на премногу светли нијанси во просториите во кои го поминуваме поголемиот дел од денот бидејќи поттикнуваат чувство на нервоза. Од друга страна, детските соби се најпогодни за ваквите бои, па нема да погрешите доколку во детската соба ставите тапети во весели бои и дезени.
Кога се работи за спалната соба, најдобри се тапетите во пастелни бои. Одберете бледо жолти, лаванда или светло сини нијанси, кои би придонеле за подобар сон. Одбегнувајте ја црвената боја поради нејзиниот стимулативен ефект кој често предизвикува несоница.
Генерално, во малите соби од домот не е препорачливо да се поставуваат тапети во темни нијанси, кои визуелно би го намалиле просторот. За да се добие она чувство на комфор во домот, најдобри се тапетите во зелени нијанси, додека за постигнување на драматичност и модерен изглед, одличен избор се впечатливи и живописни тапети, кои се поставуваат само на едниот ѕид од просторот.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.