Важни лекции кои ги научив преку волонтирање во дневен центар за лица со интелектуална попреченост

Важни лекции кои ги научив преку волонтирање во дневен центар за лица со интелектуална попреченост

Волонтирањето е од витално значење за општеството и за постигнување социјална еднаквост. Ние како волонтери сме протагонисти на социјалните промени, а со малку надеж и упорност тој мал придонес што го даваме на овој свет, без разлика колку и да е мал, може да направи големи промени во нечиј живот.

Не можев ни да замислам колку многу работи ќе научам, ниту колку ќе бидам благодарна на можностите што ми ги даде волонтирањето. Особено, волонтирањето во дневен центар за лица со интелектуална попреченост во Турција ми овозможи да ја разберам реалноста и тешкотиите со коишто можат да се сретнат овие луѓе. Тоа ми овозможи да развијам поголема социјална чувствителност, а ова се неколку од лекциите кои ги научив таму.

Важни лекции кои ги научив преку волонтирање во дневен центар за лица со интелектуална попреченост

1. Секое утро бев добредојдена со многу прегратки и насмеани лица, топол чај и вкусен појадок. Сите заедно седевме во кантината и уживавме во слободното време пред почетокот на работилниците. Секојдневно ме прашуваа дали би сакала да разгледам какви цртежи направиле или ми раскажуваа за филмот што го гледале. Разговорите беа скоро невозможни поради јазичната бариера, но насмевките и делата беа доволни. Понекогаш дури добивав и цртежи како подарок или други мали подароци направени од нив. Тогаш разбрав колку се моќни насмевката, прегратките и времето кое го подаруваме. Затоа, пред да излезете од дома не заборавајте да ја ставите насмевката на лицето и да подарите малку од вашето време за да направите нечиј ден поубав.

2. Лицата со интелектуална попреченост, за жал, не можат да прават свои планови, не можат да си го организираат денот и да бидат слободни да го прават она што го сакаат. Сепак, со малку поткрепа тие се способни да ги завршат сите обврски. Се чувствував среќна што бев дел од нивната заедница и можев да ја понудам мојата помош. Тие ме научија да ја ценам слободата, да се чувствувам благодарна за животот и да ги релативизирам моите „проблеми“.

3. Волонтирањето ми го отвори умот, станав поемпатична, понезависна, своја и пољубопитна за нови работи. Секогаш треба да бидеме подготвени да учиме и да се надградуваме, како што и луѓето во овој дневен центар секојдневно учат нови работи и се радуваат на сите мали детали и моменти. Тие знаат да уживаат во летот на пеперутките, секогаш се љубопитни за новите работи, танцуваат како никој да не гледа, се восхитуваат на рачните изработки на своите пријатели, делат пофални зборови. Не можеме да го спасиме светот, но можеме да бидеме среќни и неуморно да се обидуваме да ги направиме среќни луѓето околу нас.

4. Се сеќавам на момчето кое обожаваше да гледа во небото и да црта авиони. Кога забележав дека го прави тоа секојдневно, го прашав зошто ги сака авионите толку многу. Ми кажа дека сака да биде пилот и да лета со птиците. Тоа ме потсети дека никогаш не треба да се откажуваме и дека упорноста е клуч за животот. Секогаш треба да го посакуваме најдоброто, па дури и невозможното, а пред сѐ, никогаш да не заборавиме да сонуваме.

5. Волонтирањето во овој дневен центар ме правеше среќна и се чувствував како дел од нешто. Да бидете волонтер значи да се вклучите и да се чувствувате корисно. Овие чувства ја подобруваат самодовербата, а истовремено ни помагаат да ја ублажиме самоцентричноста што владее во нашите животи и да бидеме повеликодушни.

Го охрабрувам секој што го чита ова да биде дел од промената. Направете нешто без да очекувате ништо за возврат и ќе ја добиете најголемата награда што можете да ја замислите – благодарноста и насмевката на нечие лице. Кога правите нешто добро за другите ќе се чувствувате исполнето и ќе бидете горди на себе. Колку подобро се чувствувате, толку е поголема веројатноста да имате попозитивен поглед кон животот и иднината. Вистина е дека многу е тешко да се најде време за други активности после сите секојдневни обврски. Сепак, придобивките од волонтирањето се толку големи што вреди да се размисли дали навистина не можеме да „потрошиме“ малку време во корист на другите. Далај Лама еднаш рекол: „Колку повеќе се грижиме за среќата на другите луѓе, толку похармонично станува нашето чувство за сопствената благосостојба“.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Ужива кога патува и запознава различни култури, ги сака утринските прошетки во природа, многу чоколадо и кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар