Зошто вашиот партнер не може и не треба да ви биде сѐ во животот?
Луѓето се во заблуда дека треба да најдат сродна душа која ќе може безгрешно да ги исполни сите нивни потреби. Ако и вие мислите дека партнерот треба да ви биде сѐ во животот, време е да се освестите и да ги погледнете работите на пореалистичен начин. Треба да ги намалите вашите очекувања и да сфатите дека не постои такво нешто како „сродни души“.
Вистината е дека ниту еден човек нема да може да ги исполни сите ваши потреби. Ниту вашиот партнер, ниту вашиот најдобар пријател, ниту вие самите нема да можете да го направите тоа. Вие имате толку многу физички, емоционални, спиритуални и интелектуални потреби што е невозможно да очекувате од еден човек да ви даде сѐ што ви е потребно.
Можеби вашиот партнер ви овозможува емоционална поддршка, сексот е неверојатен, секогаш се смеете заедно и можете да разговарате на секоја тема. Тоа што имате заеднички интереси не значи дека тој или таа ќе можат да ви помогнат да напредувате во кариерата или да ве мотивираат да вежбате секое утро.
Без оглед на тоа каква улога има партнерот во вашиот живот, ако саканата личност успева да исполни 50% од вашите потреби, треба да бидете благодарни што имате таков човек покрај себе. Но, што да направите со останатите потреби кои вашиот партнер не може да ги исполни?
Следнава кратка и едноставна вежба ќе ви помогне да ги идентификувате вашите потреби и да направите план за нивно исполнување. Целиот процес може да се сведе на две прашања: „Што сакам?“ и „Како да ги исполнам моите потреби и чија помош ми треба за да ги остварам целите?“.
1. Откријте ги вашите суштински потреби
Најпрво мора да почнете со рефлексија. Кои се вашите суштински потреби? Земете лист хартија и целосно одговорете ги следниве 5 прашања:
- Што треба да направам за да се чувствувам најдобро што можам?
- Кои биле моите 5 омилени дена од животот на кои можам да се сетам во последните 10 години? Зошто се посебни овие денови?
- Што е она што сакам да го правам, а не ми било приоритет веќе подолго време?
- Кои се работите што додека ги правам ме обземаат толку многу што целосно губам осет за време?
- Кои 10 активности ми даваат најмногу енергија?
Откако ќе ја завршите задачата, пронајдете што има заедничко меѓу различните одговори на прашањата. Што ве прави најсреќни? Што е она што прави да се чувствувате живи?
2. Направете план за да ги исполните вашите потреби
Најпрво, сфатете дека вие самите сте одговорни за исполнувањето на вашите потреби. Партнерот не е должен да ве потсетува дека треба да одите во теретана. Вашите пријатели немаат обврска да ве потсетуваат дека треба да издвоите време за себе. Вашите колеги не се родени за да ве мотивираат да напредувате во кариерата и конечно да го завршите проектот што сте го почнале пред 100 години. Ваши потреби, ваша одговорност.
Па, како да ги исполните вашите потреби? Земете лист хартија и нацртајте две долги линии, така што ќе го поделите листот на три дела кои ќе ги означите со „Јас“, „Мојот партнер“ и „Други“. Сместете ги вашите потреби во овие три различни категории.
Некои од потребите можете да си ги исполните сами, како на пример да одите на прошетка во природа. За некои потреби ќе ви треба помош од другите, како на пример нова фризура, масажа или добар разговор.
Следниве неколку примери можеби ќе ви помогнат да добиете подобра претстава за тоа како би требало да изгледа сето ова. Во делот „Јас“ можете да ги ставите следниве работи: Редовно вежбање во теретана, читање барем три пати неделно, пиење смуди за појадок барем 5 дена во неделата, време за опуштање и релаксација. Во делот „Мојот партнер“ можете да наведете: Емоционална поддршка, редовно милување, сексуална интимност. И ова се примерите од делот „Други“: Предизвик на работното место, редовни филозофски разговори за животот, споделување искуства, поддршка за спиритуален развој.
Откако ќе ги откриете вашите потреби, ќе знаете кои луѓе треба да ги ставите на прво место за да можете да ги исполните. Ако знаете дека ви треба редовно вежбање, значајни разговори, забава со друштвото или масажи за да бидете среќни, тогаш преземете нешто. Најголемиот подарок што можете да им го дадете на вашите пријатели, семејство и партнер е вашата среќа.
Ставете се себеси на прво место и исполнете ги вашите потреби со помош на луѓето околу вас. Вклучете ги сите луѓе што се дел од вашиот живот и дајте им можност да исполнат некои од вашите потреби. Не очекувајте сѐ од една единствена личност. Дознајте кои потреби можете да си ги исполните самите, што ви треба од партнерот, а што од другите луѓе околу вас. На тој начин ќе се чувствувате исполнети и ќе можете целосно да уживате во животот.
Во продолжение прочитајте ги и 10-те работи кои никогаш не треба да ги жртвувате поради вашата врска.