Зошто треба добро да се наспиете за време на викендите?
По напорната работа во текот на неделата, сите чекаат да дојде викендот за да се одморат. Под одмор некои подразбираат целовечерни излегувања со пријателите, други гледање филмови до раните утрински часови, но сепак пред сè викендот треба да го искористите за обновување на својата енергија, како физичка, така и ментална. Веројатно сите сте се соочиле со недостиг на сон и сте забележале дека тоа може да го наруши нашето здравје, да влијае врз нашето расположение и паметење.
Затоа, викендите треба да ги искористите за квалитетен сон и добар одмор. Доколку добро се наспиете ќе имате неколку придобивки:
1. Ќе бидете посреќни
Спиењето е многу важно и тоа влијае на нашето расположение. Кога луѓето се наспани, вообичаено се позитивни и можат да ги контролираат своите реакции. Некои истражувања покажуваат дека недостигот на сон го намалува количеството на серотонин, хормонот на среќата, во мозокот.
2. Ќе можете подобро да учите и да помните
Иако науката сè уште не ја потврдила тесната врска меѓу спиењето и учењето, стотици студии укажуваат на тоа дека спиењето е важно за меморијата и за подобро паметење на подолг рок. Исто така, една студија посочува оти и дневната дремка во траење од 45 до 60 минути ја подобрува способноста за учење и паметење.
3. Го подобрува вниманието
Луѓето на кои им недостасува сон, се соочуваат со поголем ризик од предизвикување несреќи. Ова особено се однесува на возачите, на кои секогаш им се препорачува добро да се наспијат пред да седнат зад воланот. Најголемиот дел од сообраќајните несреќи на автопатите се случуваат поради недостиг на сон.
4. Го подобрува сексуалниот живот
Некои истражувања укажуваат на тоа дека при спиењето се создава тестостерон кај мажите, но доколку тие една недела спијат по пет часа во текот на ноќта, нивото на тестостерон се намалува за 15 проценти.
5. Го намалува ризикот од метаболички синдром
Научниците посочуваат дека недостигот на сон го зголемува ризикот за појава на болести на срцето, висок крвен притисок, дијабетес и срцев удар. Затоа, секогаш легнете си кога ќе почувствувате потреба за сон.
6. Ја зајакнува енергијата на телото
Доколку сте од оние луѓе кои, кога ќе почувствуваат недостиг на енергија, веднаш се фаќаат за шолја кафе, најдобро би било да се ослободите од таа навика. Сменете нешто во вашето секојдневие и најдете повеќе време за сон. Создадете си навика да легнувате порано, во исто време, а разликата ќе ја забележите набрзо. Наутро ќе бидете свежи и во текот на целиот ден ќе ја имате потребната енергија за завршување на сите обврски.
7. Ќе изгледате подобро
Ви се случува често луѓето да ве прашуваат дали сте изморени? Кога не сте доволно наспани, тоа се покажува на вашето лице. Луѓето на кои им недостига сон, најчесто имаат подочници, линии и брчки по лицето, изгледаат бледо и едноставно изморено. Доколку за време на викендите го измените ритамот на спиење и легнувате во четири часот наутро и спиете до 12 часот на пладне, иако сте спиеле осум часа, сепак ќе изгледате и ќе се чувствувате изморено. Тоа е така затоа што најдобро време за одење в кревет е околу 22 часот.
8. Ќе имате поздрави навики во исхраната
Луѓето кои за време на викендите седат до доцна во ноќта, многу често го нарушуваат својот ред во исхраната. Поголеми се шансите да консумирате нездрава храна и грицки пред легнување.
9. Ако легнувате и станувате доцна имате поголеми шанси да се здебелите
Според една студија, оние луѓе кои вечераат по 20 часот, кои одат в кревет околу 3.45 и стануваат околу 10.45 наутро имаат поголема телесна маса. Потрудете се за време на викендите добро да се одморите, но и не да претерувате со спиењето, затоа што и тоа може да има контра ефект. Најдобро би било да го следите ритамот од работната недела кој би го продолжиле со само малку повеќе сон.