Зошто треба да занемарите некои мани кај вашиот партнер?
Личностите кои се во врска некогаш навистина знаат да си одат по нерви. Неретко чувството е обострано. Никој не е совршен и често ќе треба да се одлучите на некаков компромис. Еве неколку причини кои ќе ве натераат да помислите два пати пред да започнете цела кавга околу некоја најмала мана на вашиот партнер.
Се развива она на кое се фокусирате
Ако одберете да се фокусирате на неговите/нејзините позитивни карактеристики, или добрите работи кои ги сторил/а за вас, тогаш уште повеќе ќе се вљубите во личноста, и фокусирајќи се на позитивното ќе забележите дека од ден на ден добрите страни се сè почести. Но ако одберете да се фокусирате на она што е негативно тогаш ќе останете заслепени недозволувајќи си себеси да ги забележите сите добри нешта кои другата страна ги направила за вас и ќе продолжите да се натрупувате со негативни мисли.
И вие, исто така, имате мани
Паметно е да се запамети дека вашиот партнер не е совршена личност, но не сте ни вие. Кога ќе помислите на сите недостатоци или лоши навики кои другата страна ги има, само сетете се дека и тој/таа секојдневно се справува со вашето несовршенство.
Бидејќи го/ја сакате
Колку често имате кавга со вашите родители? Дали тие се совршени? Сепак, вие ги сакате и не можете да си го замислите животот без нив. Како слична земете ја ситуацијата во вашата романтична врска. Вие сте во врска со личноста бидејќи ве засмејува, ве прави среќни, ве поддржува, ве сака… а и вие го/ја сакате. Колку би ја повредиле другата страна доколку одлучите бесно да ги истурите сите замерки одеднаш? Веројатно многу, но прашањето тука е дали би сакале да ја повредите личноста која ја сакате?
Одбирајте за што ќе се борите
Кревањето прашина околу секој детаљ нема да ѝ направи ништо добро на вашата врска. Не постои совршена врска каде постојано тече мед и млеко. Љубовта подразбира правење компромис во добар дел од времето. Одлучете се за некои работи едноставно да премолчите или индиректно да посочите кон подобрување. Одбирајте ги нештата за кои вреди да барате да се променат. Партнерот не ве почитува, ве омаловажува или претерано е љубоморен? Да, имате право да започнете разговор на таа тема и да барате излез од ситуацијата. Но зошто би правеле цела кавга бидејќи гласно зборува или ја заборава вратата отворена?
Ставете се на негово/нејзино место
Можеби вашиот партнер има лош ден, премногу обврски или грижи. Дали би биле себични доколку не покажете воопшто разбирање? Најверојатно да. Пробајте да се ставите на негово/нејзино место и да ги разберете факторите кои придонеле за таквото однесување. Исто размислете, колку често вашиот партнер премолчел за некои ваши мани и несовршености?
Поттикнувате добро однесување
Фокусирајќи се и истакнувајќи ги позитивните страни поттикнувате другата личност уште повеќе да се однесува на таков начин. Кога некој ќе ни нагласи колку цени нешто што правиме за него или ќе истакне некоја наша добра карактеристика, тежнееме уште повеќе да ја оправдаме позитивната оценка. Така е и во љубовните врски.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.