Зошто треба да се препрочитуваат книгите?
Многу луѓе велат дека читањето книги може да ви го зголеми знаењето и да ви го подобри животот. Секако, во таа реченица нема ништо погрешно. Читањето книги е навистина одлична и потребна работа. Но има еден аспект кој луѓето често го забораваат, а тоа е вредноста на нивното препрочитување. Не е потребно да читате само нови книги, туку и да ги препрочитувате оние кои веќе сте ги поминале. Всушност препрочитувањето е еднакво важно како и првото читање. Еве неколку причини зошто треба да го правите ова.
Се потсетувате на добрите идеи
Истражувањата покажуваат дека по само 24 часа, луѓето веќе забораваат голем дел од она што го прочитале. Можете да добиете одлични идеи од некоја книга, но многу е лесно да заборавите голем дел од нив. Препрочитувањето ќе ви помогне да се потсетите на нив и да си ги впишете в глава.
Помага да се забележат претходно пропуштените идеи
Колку што е лесно да се заборават идеите, исто толку е лесно и да не ги забележите оние делови кои даваат идеи, поради невнимание при првото читање на книгата. Вториот пат имате големи шанси да ги пронајдете и да ги забележите.
Ви дава нова перспектива
Повторното читање на некоја книга, ви овозможува да погледнете на нејзе со нова, свежа перспектива. Работите кои ви немале логика претходно, овој пат можеби ќе имаат смисла. Она за кое сте сметале дека било ирелевантно, овој пат можеби ќе се поврзе со приказната.
Помага при применувањето на новите работи
Примарната цел на читањето, е внесувањето во приказната и применувањето на она што сте го научиле. Читањето многу книги може да ви ги прошири знаењата, но применувањето може да ви го промени животот. Преку препрочитувањето на книгата, вие ќе осетите на кој дел од вас сè уште треба да поработите.
Како треба да го правите сето ова?
Бидејќи прочитавте зошто треба да го правите сето ова, корисно е да дознаете и како правилно да го направите тоа…
1. Одберете ги вистинските книги
Сите книги кои ги имате прочитано, со сигурност не вредат да бидат читани по вторпат. Не е важно да препрочитате што било. Читајте ги оние книги кои го заслужуваат вашето внимание и времето кое ќе го потрошите над нив. Најдобар систем на елиминација е да ги одберете оние од кои сакате да научите нешто за понатамошно применување.
2. Барајте делови кои ве поттикнуваат
Бидејќи најважна причина за читањето книги е применувањето на нешто од нив, треба да ги барате деловите кои нудат идеи за покренување акција. Можеби некои од нив не сте ги ни забележале при првото читање или пак сте ги подзаборавиле. Во секој случај, барајте ги деловите кои можат да ви го подобрат животот.
3. Читајте ги само потребните делови
Немате потреба да ја препрочитувате целата книга. Тоа може да ви одземе премногу време. Покрај тоа, можете да се изгубите и од премногу детали. Наместо тоа, применете го правилото 80-20 (20% од содржината на книгата даваат 80% од нејзината вредност) и читајте ги само деловите кои мислите дека ви се најважни и најпотребни. Ова е една од причините заради кои при читањето треба да ги потцртувате овие делови или на поинаков начин да ги забележувате. Потоа ќе ви биде полесно да ги препрочитате.
4. Фокусирајте се на најважното
Бидејќи во книгата можеби ќе наидете на многу поттикнувачки идеи, мора да се фокусирате на оние кои можат да ви направат голема разлика во животот. Не обидувајте се сè да примените наеднаш, обидете се да се навраќате откако ќе научите нешто ново.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.