Зошто треба да ја покажете вашата темна страна за да бидете среќни?
Ако сакате да бидете успешни во животот, треба да се „соголите“. Тука не се работи за физичко соголување, туку за емоционално. Ќе можете да се поврзете со другите и со самите себеси само ако отворено ја покажете вашата ранливост. Тоа ќе може целосно да ви го промени животот како и сите ваши врски со луѓето. Но, за да го направите тоа, треба да се соочите со вашата темна страна, односно со вашата сенка.
Што треба да знаете за вашата сенка?
Сенката е важен дел од вашата личност кој честопати е скриен од свеста. Таа е присутна, управува со вас и извлекува работи од вас за кои не сте ни биле свесни дека постојат. Сенката не е некое злобно суштество што живее во вашата душа, туку дел од вас. Ако го разберете овој дел од вашето секојдневно постоење кој има влијание на љубовниот живот, кариерата, финансиската состојба, здравјето и семејството, ќе забележите дека сенката има големо влијание на начинот на кој живеете.
Ако, пак, ја игнорирате вашата сенка, секогаш ќе чувствувате дека нешто ви недостасува. Но, понекогаш соочувањето со неа е многу страшно. Она што треба да го направите е да се спријателите со неа. Тоа е исто како да ја тргнете театарската завеса од вашата животна сцена и да откриете кој стои зад сето тоа што ви се случува, кој управува со вашите мисли, чувства, однесување, избори…
Со тоа што ќе ја запознаете вашата сенка, ќе можете да ги ослободите вашите скриени моќи, инспирација и креативност.
Зошто вашата сенка ви стои на патот?
На пример, многу луѓе знаат дека се талентирани, но нивните животни приказни не се одраз на потенцијалот што го поседуваат. Постојат луѓе кои можат да споделат многу љубов, но постојано се сами. Тоа се случува затоа што се плашат да се соочат со нивната сенка. Бидете искрени со себе! Немојте да се штитите од вашата „темна“ страна. На тој начин пропуштате многу работи. Размислете само колку енергија сте потрошиле поради тоа што сте одбивале да се соочите со вашата сенка. Сета таа енергија сте можеле да ја искористите за да напредувате во животот и да ги постигнете вашите цели.
Како да ја „обелодените“ вашата сенка?
1. Направете анализа на некои настани од вашето минато кои ви будат чувства на срам, вина или страв. Откако ќе ги споделите овие негативни искуства, нивната моќ ќе почне да се намалува. Ние обично го преувеличуваме влијанието на сеќавањата и стравовите кои не се повеќе значајни за нашиот секојдневен живот. Не смееме да им дозволиме да нѐ контролираат. Но, нема да можеме да продолжиме понатаму, сѐ додека не се соочиме со нив.
2. Погледнете ги вашите недостатоци и лоши навики од поинаков аспект. Единствениот проблем со овие така наречени недостатоци е тоа што им се обрнува преголемо внимание. Ако не им придавате толкаво значење, лесно ќе можете да ги претворите во доблести. Оваа анализа ќе ви помогне да ги откриете вашите скриени стравови, верувања и ветувања што сте ги дале самите на себе. Кога ќе ги погледнете вашите мани од објективен агол, ќе научите да ги цените и да ги прифатите како дел од вас. Замислете си само колкава слобода ќе ви даде тоа!
3. Направете листа или дневник за сите оние работи кои ви е тешко да ги откриете во врска со вашата личност
Ако чувате во себе некои лични приказни кои ви будат чувства на срам или вина, тие негативни емоции постојано ќе растат. Најдете начин да ги споделите овие чувства и ќе почувствувате таква слобода што ќе можете одново да ја изградите вашата историја и истовремено да ја креирате вашата иднина, почнувајќи од сега.
Тоа се подразбира под поимот „емоционално соголување“. Емоционалното соголување ќе ви ја даде слободата да напредувате и љубите со сиот ваш потенцијал што го поседувате.