Зошто треба да бидете благодарни ако ги изгубите овие 4 нешта во вашиот живот?

Зошто треба да бидете благодарни ако ги изгубите овие 4 нешта во вашиот живот?

Губењето нешто најчесто се доживува во негативна смисла. Како луѓе, секој од нас се обидува да задржи нешто во својот живот: Работното место, врските, пријателите, па дури и контролата врз одредени ситуации. Но, дали тоа е сосема здраво за вашата благосостојба и целокупната среќа? Да се живее во сегашниот момент е најдобар начин да се постигне среќен и исполнет живот, што значи дека треба да ги оставите минатите и изгубени работи во минатото, со цел да растете како личност. Иако понекогаш е тешко, никогаш не треба да мислите негативно за промените со кои се соочувате. Напротив, треба да ги гледате како можности што ви отвораат нови патеки во животот. Во продолжение погледнете 4 важни работи кои откако ќе ги изгубите ќе го проширите начинот на размислување, вашите перспективи и на крај ќе ви помогнат да станете подобри личности.

4 работи кои ќе ги изгубите во животот, а треба да бидете благодарни за тоа

1. Губење насока во животот

Многумина се имаат најдено во таква животна фаза кога се сомневаат во своите мотиви, минатите и сегашните постапки и нивната вистинска среќа. Соочени со ова, вие може да се чувствувате депресивно и да мислите дека сте ја изгубиле вашата животна цел. Можеби се сомневате во вашиот избор на кариера или чувствувате дека сте пропуштиле да исполните дел од вашите соништа, а веќе сте премногу стари. Она што треба да го запаметите е дека овие моменти се присутни за да ви помогнат да го откриете патот во животот: Дали сте на вистинскиот или треба да најдете нешто поразлично? Негативните ситуации се тука за да ви покажат дека треба повторно да размислите, да ги измените работите и да изберете пат кој повеќе ви одговара. Никогаш не обвинувајте се затоа што до тогаш го немавте сфатено сето тоа, затоа што сѐ се случува во вистинско време и овие моменти во животот, кога ќе ја изгубите својата животна насока, ќе сфатите дека за вас постои некој друг пат кој ќе ви донесе поголема корист. Ако никогаш не се соочите со ова, нема да добиете можност да се развивате, менувате или да допрете до работи кои би довеле до вистинска среќа.

2. Губење контакт со другите

Иако постојат многу луѓе во животот кои може да ве направат среќни, сигурно и вие честопати копнеете по оние кои повеќе не придонесуваат за вашата благосостојба. Сентименталноста предизвикува да сакате да ги задржите тие луѓе во вашиот живот, затоа што ве потсетуваат на старите добри времиња, некогаш биле суштински дел од вашиот живот и со нив имате прекрасни среќни спомени. Сепак, со текот на времето вие растете и се менувате. Вашите вкусови, ставовите, соништата и насоките во животот може да се променат, а со тоа да ве оддалечат од некои луѓе кои некогаш биле важен дел од вашиот живот. Иако ова може да звучи тажно, сепак, губењето на врската со пријателите која сте сметале дека никогаш нема да заврши, е важна лекција во вашиот живот. Таа ве учи за важноста на квалитетот, наспроти квантитетот и ви помага да се оттргнете од оние кои не придонесуваат за каков било раст во вашиот живот, па така, за да сфатите дека минатото останува минато, важно е да живеете во сегашноста. Задржувањето на минатото и избледените врски со луѓето само ве запираат во вашите напори да живеете во сегашноста. Со губењето контакт со другите и оставајќи тие да заминат, вие сте во состојба да го негувате она што тие ви го подариле, наместо да чувствувате негативност и тага затоа што повеќе не се дел од вашиот живот.

4 работи кои ќе ги изгубите во животот, а треба да бидете благодарни за тоа

3. Губење на самите себе

Животот се состои од губење на самите себе, менување и растење и сето тоа како производ на вашите искуства, размислувања и перспективи. Промената е неизбежна, затоа што не постои некој кој постојано е ист. Секој се адаптира на менувањето на светот, а промените се само знак за напредување. Да се изгубите себеси значи да доживеете различни искуства, како што е патување, учење, преселување, менување на кариерата и продолжување напред преку сите стравови. Сѐ што правите што го предизвикува начинот на кој размислувате и го гледате светот, ви овозможува да изгубите еден дел од вашата стара личност и да создадете нова, подобра верзија. Оваа постојана еволуција ви нуди можност да ја пронајдете вистинската среќа.

4. Губење контрола врз работите

Несигурноста е страв кој повеќето го имаат. Соочувајќи се со ова, вие можете да се обидете да ја контролирате ситуацијата, па дури и луѓето. Кога сте млади, верувате дека имате повеќе контрола врз животот отколку што мислите, но, како што стареете и стекнувате повеќе животни искуства, сфаќате дека повеќето работи не можете да ги контролирате. Животот постојано се менува и многу работи не остануваат исти. Ова значи дека или треба да се адаптирате на промените или да дозволите тие да испловат надвор од вашиот живот. Иако понекогаш очајно сакате да задржите нешто, како што се на пример љубовните врски, работните места и некои други општи животни ситуации, тоа служи само како стапица што ве држи заробени во вашата удобна зона. Кога сте овде, имате многу малку простор за да растете или да барате нови животни можности. На пример, замислете дека сте отпуштени од работа. Иако ова изгледа како почеток на лоша ситуација, по одредено време ќе сфатите дека ако сте биле вистински искрени со себе, всушност, повеќе и не сте имале страст кон работата и оваа „лоша“ ситуација која не била под ваша контрола ви дава можност да пронајдете работа која повеќе ви одговара и во која повеќе ќе уживате. Ова не би го направиле ако не сте добиле отказ. Прифаќањето на фактот дека имате многу мала контрола може да изгледа како застрашувачка мисла, но токму тоа е моментот кога ви се нудат нови можности кои во спротивно не би ги преземале.

Значи, никогаш не плашете се од промените и од губењето работи во животот. И покрај тоа што понекогаш може да ви изгледа дека животот е против вас во некои ситуации, тие во себе кријат многу неверојатни можности!


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Економист во изградба, а страстен обожавател на пишаниот збор уште откако знае за себе. Смета дека животот без домашно милениче не изгледа комплетен, а кафето со многу шеќер го смета за едно најубавите утрински задоволства.

Поврзани содржини

Остави коментар