Зошто секое дете треба да поминува време во природа?
Затварањето дома по цел ден сигурно не е добра идеја. Но знаете ли кој трпи најголема штета од ова? Децата. Има бројни здравствени придобивки од излегувањето надвор – од подобрување на меморијата, до подобрување на имунитетот. Овие придобивки се многу важни за децата чии тела и умови сè уште се во развиток. Погледнете некои од причините зошто е добро да ги терате вашите деца почесто да излегуваат надвор.
Природата е физички добра за децата
Иако звучи очигледно, излегувањето надвор му прави добро на детското тело. Како прво, 4 од 10 деца имаат недостаток на витамин Д. А зошто е овој витамин важен? Витаминот Д го помага растењето на коските и забите и ги спречува деформитетите на скелетот, а сончевата светлина е одличен извор. Покрај ова, времето поминато надвор го намалува ризикот од кратковидост и ја контролира дебелината на децата.
Децата кои поминуваат време надвор имаат поголема самодоверба
Истражувањето на природата носи и сосема мал ризик кој сепак помага во градењето на самодовербата кај децата. Активностите како качување на дрва или борба со снежни топки може значително да ги подобри менталното здравје и самодовербата. Во едно истражување, повеќе од 70% од учесниците изјавиле дека како деца секојдневно си играле надвор, додека за нивните деца овој број е паднат на 27%. Изложувањето на мали ризици кои произлегуваат од играњето надвор им помага на децата бидејќи ги подготвува за понатамошниот живот, додека предизвиците кои произлегуваат од забавата како гледање телевизија речиси и не постојат.
Ги заштитувате децата од „недостаток на природа“
Времето поминато надвор им помага на децата со нивната концентрација со тоа што го спречува синдромот на невнимание и хиперактивност. Истражувањата покажале дека децата кои страдаат од овој синдром имале подобра концентрација откако поминале време надвор. Нарушувањето познато како „недостаток на природа“ е термин креиран од писателот Ричард Лув со цел да опише како недостатокот на искуства во природата може да предизвика дефицит на внимание кај децата. Па, ако сакате дете со добра концентрација, природата е и лек и превентивна мерка.
„Зелените“ деца се попаметни
Децата кои се изложени на зеленило всушност се попаметни. Истражувањата покажале дека училиштата кои имаат повеќе зеленило и кои ги мотивираат децата да поминуваат време надвор, имаат ученици со подобри резултати на тестовите. Ако сте родител кој е загрижен за академскиот успех на своето дете, овозможете му да си игра надвор и пред да забележите ќе му помогнете со оценките.
Слично истражување од 2004 година покажало дека „зелените“ основни училишта имале ученици кои покажале подобри резултати на тестовите по мајчин јазик и математика за разлика од другите. Значи, важно е кога одбирате училиште за вашето дете да земете предвид колку е зелено неговото опкружување.
Прочитајте и зошто треба да ве радува тоа што имате немирни деца.