Зошто пријателите можат да ве разочараат?
Кога сме под стрес, поминуваме низ тежок период или пак, едноставно се чувствуваме лошо, за поддршка им се обраќаме на нашите најблиски. Пријателите многу често ни помагаат да се чувствуваме подобро и да се избориме со тешките времиња, но тоа не се случува секогаш. Кога и зошто дури и нашите најдобри пријатели нè разочаруваат и што можеме да сториме за тоа?
Негативност во социјалната поддршка
Ова се случува кога некоја личност од вашиот поблизок круг се обидува да ви помогне, но со своето однесување ги прави работите полоши. Постојат неколку видови вакви однесувања. Еден од нив е пријателот „Ти реков“, кој постојано ве потсетува дека тој/таа ве предупредиле дека нешто вакво може да се случи. Од друга страна пак, постојат и оние пријатели кои со добра намера ќе се вмешаат во конфликт помеѓу вас и друга личност и со тоа ненамерно ќе ги направат работите многу полоши.
И во двата случаи бидете искрени со вашите пријатели. Објаснете им дека нивниот пристап воопшто не ви помага, баш напротив, дека ги влошува работите. Тие знаејќи како ова однесување влијае врз вас, во иднина ќе се обидат да го избегнат.
Емоционална зараза
Понекогаш пријателите нè избегнуваат кога сме вознемирени бидејќи се сигурни дека и тие можат да се „заразат“ со слични емоции. Некои пријатели се повеќе подложни на емоционалната зараза од други, но секој пријател може да се најде во ситуација да избегне да ви понуди поддршка доколку тој/таа можеби поминува низ нешто слично.
Не ги осудувајте вашите пријатели без да ја знаете целата приказна, но истовремено имајте на ум дека не секој е способен емоционално да се справува со тешки ситуации (особено ако не се поврзани со него/неа). Пред да ги „фрлите“ вашите проблеми врз вашите пријатели, прво откријте дали тие се во состојба да ве сослушаат и како овој проблем би можел да влијае врз нив.
Влегување во социјални долгови
Не секогаш гледаме на нашите врски на овој начин, но тие секогаш се реципрочни – постои подеднакво давање и земање. Доколку премногу се потпирате на поддршката на вашите пријатели кога поминувате низ тешки времиња, но не ги поддржувате доволно кога тие имаат проблеми, тогаш вашата социјална „сметка“ за поддршка можеби е надвор од својот баланс. Доколку дозволите оваа рутина да се случува пречесто, вие ќе го „банкротирате“ вашето пријателство и големи се шансите дека ќе останете без потребната поддршка.
Не велиме дека треба водите детална сметка за давањето и добивањето на поддршка, но добро е да се обидете да ги процените оние ситуации во кои таа им е навистина потребна на вашите најблиски.
Незнаење
Понекогаш пријателите можеби нема да бидат ваша поддршка бидејќи едноставно не сфаќаат дека вие имате потреба од нив. Ова најчесто се случува кај машките пријатели (како група) бидејќи истражувањата покажале дека жените се многу повеќе емпатични и чувствителни на емоциите на другите.
Токму затоа наместо да се нервирате во себе затоа што вашите пријатели не ги читаат вашите мисли, доколку имате потреба од поддршка, а не ја добивате, бидете искрени и побарајте ја. Тие без збор ќе застанат покрај вас и ќе се обидат да ви помогнат на секој можен начин.