Зошто престанува заљубеноста?
Љубовта е нешто прекрасно. Кога се сакате со некого, взаемните емоции ве поврзуваат, се чувствувате полетно, пеперутки ви летаат во стомакот, насмевка ви го прекрива лицето и сте постојано вистински среќни и возбудени. Но колку и да е љубовта голема и силна, со текот на годините, интензитетот на емоциите се намалува, жарта згаснува и тоа возвишено чувство на задоволство и исполнетост се претвора во нешто сосема друго.
Зошто љубовта не може да трае вечно? Причините за намалување, па дури и целосно исчезнување на чувството на заљубеност се во следното.
Досадува она што е секогаш достапно
Тешко е да се каже зошто сме такви. Веројатно затоа што сме само луѓе. Тоа е исто како кога ќе ви се пријаде чоколадо и толку многу сакате, што мислите дека би изеле пола кило. Ви текнува дека имате дома, земате ред-два максимум и сепак ви е доволно. Да немавте чоколадо на располагање, ќе кризиравте како зависник, па ќе моравте да одите во продавница да купите и за сето тоа време вашата желба сè повеќе би се зголемувала за на крајот навистина да изедете голема количина.
Слично е и со достапноста на луѓето со кои сме во врска. Ако нешто ви е постојано достапно, секогаш ќе мислите дека можете повеќе, поразлично, поинтересно и некако почнувате помалку да го цените она што го имате, до степен што го земате вашиот партнер здраво за готово. Тоа секако не е во ред. Така се дистанцирате од другата личност и заборавате да помислите на можните последици. Дури мислите дека што и да направите, тој/таа ќе ви прости, бидејќи и онака секојпат излегува така.
Тишина во врската
Има луѓе кои не сакаат да се расправаат. Не сакаат да зборуваат за своите и за заедничките проблеми во врската, но ова е знак дека ќе ви следува одљубување. Ако не сакате да разговарате за вашата врска, значи дека не ве интересира дали вашиот однос е добар или не, а со таквото однесување веќе сте со едната нога надвор од тоа заедништво.
Луѓето се менуваат
Со текот на времето луѓето се менуваат. Исто така и нивните навики и интереси. Тоа е во природата на човекот. Понекогаш и не се менуваме, туку само престануваме да глумиме и почнуваме да се покажуваме во своето вистинско светло, што повторно на некој начин е промена. Ако вие не можете да ги прифатите промените кои ги има вашиот партнер, многу ќе ви биде тешко да продолжите во таа врска.
На пример, можеби ќе сфатите дека веќе немате слични теми на разговор и дека не ве интересираат исти работи. Тогаш возбудата и вашата меѓусебна хемија експресно почнуваат да исчезнуваат. Но, ако на едниот партнер му е сè уште важна врската, тој ќе мора тоа и да го покаже. Разговарајте, сфатете дека треба да се ценат и работите кои постојано ни се достапни и обидете се да ја пронајдете искрата која повторно ќе ја распали вашата страст и љубов. Колку што е возможно одљубувањето, толку е возможно и повторното заљубување.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.