Зошто некои жени никогаш нема да можат да стигнат до брак?
Мажот за кој постојано сонувате ве спречува да најдете љубов во вистинскиот живот. Не велиме дека треба да го прифатите „помалото зло“ или нешто што сметате дека не е доволно добро за вас, туку едноставно да излезете од вашата фантазија и да се соочите со реалноста. Како би можеле некого навистина да запознаете доколку не му дадете шанса? Погледнете ги следниве 3 видови илузии кои ве спречуваат да најдете врска која ќе заврши со брак.
1. Вашата врска постои само во вашата фантазија
Мудрите жени не се дел од врски кои постојат само во нивната фантазија. Доколку тој повеќе не е заинтересиран за вас, тогаш тоа е знак дека едноставно треба да продолжите натаму. Од друга страна пак, кога имате чувства за личност со која сè уште не сте разговарале за вашиот љубовен статус или пак, сте во „врска“ со личност која не планира да ви понуди брак, можеби треба да застанете малку и добро да размислите за вашиот живот. Ако тој едноставно не гледа иднина со вас, зошто воопшто си го трошите времето? Или ако се наоѓате во ситуација каде што постојано чекате вашата симпатија да ве покани на состанок бидејќи сте сигурни дека му се допаѓате, но тоа никогаш не се случува, големи се шансите дека тој си игра со вас. Повременото флертување не е исто што и љубовна врска, токму затоа или заборавете на него или прашајте го вие директно.
2. Заљубени сте во маж кој постои само во вашата фантазија
Вие секојдневно мечтаете за момчето со совршено тело и коса, кое има докторат, заработува милијарди долари, има совршени заби и ужива да ги гледа истите ТВ серии како вас… Не сакаме да бидеме груби, ниту да ги рушиме вашите соништа, но можеби е време да се вратите во реалноста. Доколку постојано се фиксирате на идеалната слика за начинот на кој вашиот маж од соништата треба да изгледа (за кој не ни знаете дека би одговарал на вашиот карактер), големи се шансите да го пропуштите несовршениот, кој на некој начин е можеби целосно совршен за вас.
3. Го живеете вашиот живот во фантазија
Доколку сметате дека сте премногу добра за мажите кои ги сретнувате во вашиот живот, без притоа да се потрудите подобро да ги запознаете, големи се шансите дека ќе останете сами до крајот на вашиот живот. Вие треба да се сакате и да имате голема самодоверба, но реалноста е дека не сте принцеза која заслужува само принц со истите карактеристики кои верувате дека и самите ги поседувате. Погледнете се добро и размислете, дали има простор за промена? Што би можеле да направите за да се подобрите и да станете подостапна за спротивниот пол? Дури и да му се допаѓате, тој нема да ви пристапи доколку забележи дека живеете во замислен свет каде што вие сте единствениот жител.