Зошто не треба да се грижите за целулитот?
Дали некогаш ви се случило да се облечете неудобно само поради целулитот на вашите бутови? Дали ви се случило да погледнете некоја девојка која носи шорцеви и да посакате да имавте храброст и вие да носите нешто толку кратко? Грижата за целулитот е нормална појава кај секоја девојка и жена, но доколку ви станува опсесија прочитајте зошто не треба да се грижите за целулитот.
Вашиот задник не е вашата иднина
Помислете на сите квалитети кои ги имате, на трудот кој го вложувате секој ден, на стремежот кон вашите соништа, на вашата храброст и вашето топло срце кое секојдневно им ги разубавува животите на вашите најблиски. Помислете на вашата иднина, на вашите деца. Каква мајка сакате да имаат? Онаа која ќе биде опседната со своето тело, онаа која ќе пати од комплекси и ќе им ја пренесе својата несигурност, или пак сакате да имаат храбра и пожртвувана мајка која секој ден безрезервно ќе им дарува љубов и ќе ги учи на најважните животни лекции – да не бидат плитки, да бидат паметни, да се стремат кон остварување на своите соништа, а не слободното време да го минуваат пред огледало плачејќи. Вистината е дека животот ни нуди безброј можности, безброј убави работи, многу побитни од неколку дупчиња целулит на бутовите или задникот.
Вежбате за да се чувствувате добро, а не да бидете слаби
Пред да почнете да вежбате, само потсетете се за миг зошто вежбате. На пример, ако практикувате трчање, зошто трчате? Да се ослободите од стресот и анксиозноста, да се ослободите од негативната енергија, да се чувствувате моќно и добро, да видите колку брзо можете да трчате и до каде можете да стигнете. Физичката активност е убава работа и многу важна, но сè додека ја правите за вашето физичко и духовно здравје, а не за да станете коска и кожа.
Никоја од познатите жени низ историјата не е позната поради совршеното тело
Жените кои оставиле белег во историјата биле принцези, кралици, писателки, поетеси, воини, политичарки, пилоти, феминистки, учителки, хуманитарки. Со еден збор, жени кои го промениле светот. Дали некоја од сите тие жени ја имате за ваш идол? Во моментите кога се чувствувате многу несигурно во себе, замислете дека седи до вас. Што ќе помисли за начинот на кој размислувате? Што ќе мисли за начинот на кој го трошите вашето скапоцено време? Само огледајте се на сите тие жени и сфатете ја неизбежната вистина – може да направите толку многу со себеси, престанете да се потценувате.
Никому не мора да му се извинувате за вашето тело
Со сила и истрајност сте поминале низ многу животни предизвици, некои поминале и низ трауматични искуства како тинејџери токму поради своето тело. Време е да ставите крај. Зошто би се срамеле од она што сте? Станува збор за вашето тело. Сакајте го, почитувајте го, грижете се за него, не го злоупотребувајте со тешки коментари и осудувања кон самите себе.
Не е важно какви сте. Високи, ниски, слаби, или со облини. Имате можност да го впиете денот, да трчате кон вашите соништа, да направите сè што сакате и да ги урнете сите граници и бариери. Ете затоа не треба да се грижите за целулитот.