Зошто луѓето пијат и зошто се опијануваат: Како да пиете „паметно“ и до каде е границата?
Пиењето „во друштво“, по својата природа, не е проблематично. Но, треба да ја знаете границата и да престанете кога е доволно, а овие совети ќе ви помогнат да го постигнете тоа.
Во нашата култура, како и во повеќето европски земји, незамисливо е групно славење на било што без пиење алкохол. Кога одите на гости, едно од првите прашања е: „Што ќе се напиете?“, па ако се изјаснете дека не пиете, односно дека не сакате ништо, ќе изгледате малку чудно, а потоа следува притисокот на домаќинот сепак да се напиете нешто, дека има некој исклучителен пијалак и дека ќе биде штета ако не го пробате.
Ако се наоѓате во група луѓе што пијат, обично следува социјалниот притисок од нивна страна да пробате барем некоја голтка. Предвидувајќи го ваквиот тек на настаните, многумина веднаш се одлучуваат за еден од понудените пијалаци. Меѓутоа, кога чашата ќе остане празна, повторно следува притисокот да продолжите со пиењето, така што домаќинот повторно ќе ви ја наполни чашата дури и ако вие не планирате да пиете.
Зошто алкохолот е толку распространет во обичаите и во друштвените ритуали на прославувањето? Најкраткиот одговор на ова прашање е тоа што луѓето го менуваат своето однесување и расположение откако ќе ја испијат чашата, што доведува до промени на целокупната социјална динамика на групата што слави нешто. Влијанието на алкохолот врз нашатата психа, врз емоциите и врз личноста може да го објасни моделот кој се користи при анализата.
Што е социјално пиење?
Според Ерик Берн, американскиот психијатар кој смислил свој психолошки и психотераписки пристап, личноста можеме да ја гледаме како систем составен од три главни делови, односно его-состојбi, а тоа се „родител“, „возрасен“ и „дете“. Секој од овие делови на личноста има посебна функција, така што сите три придонесуваат за функционирањето на личноста.
Познато е дека луѓето различно реагираат на алкохолот, но сепак е можно да се опише еден типичен образец што важи за повеќето луѓе.
Првиот дел од личноста што „ќе се напие“ и „оди да спие“ е нашиот внатрешен „родител“.
Бидејќи овој дел е одговорен за самоконтролата, за утврдувањето на соодветното правилно однесување во дадена ситуација пред луѓе што не ги познаваме добро и за проценката како другите го оценуваат нашето однесување, главната причина за исчезнувањето на „родителот“ од внатрешната сцена е тоа што луѓето се опуштаат и престануваат да размислуваат за тоа што ќе мислат другите за нив, така што веќе не се воздржуваат и стануваат поспонтани.
Кога членовите на групата ќе ги исклучат своите „родители“, динамиката на групата станува потопла, поспонтана, повесела и позабавна.
Сето ова е е наречено „социјално пиење“ и тоа не е проблематично.
Кога личноста продолжува да пие, на ред за одење на спиење е нејзиниот „возрасен“ кој е одговорен за проценка на реалноста.
Тука разликуваме две нивоа: поднапиеност и пијанство.
Кога луѓето се поднапиени, нивниот „возрасен“ е поспан, но е присутен.
Поднапиените луѓе се свесни дека испиле повеќе отколку што треба, дека алкохолот влијае врз нивното размислување и расудување и врз моторните вештини и ги забавува нивните реакции.
Тие се свесни дека се пијани и затоа се свесни за зголемениот ризик да се вклучат во некои активности како што е возењето. Тие се плашат од полициските контроли и од парични казни, па затоа одбиваат да возат и дозволуваат некој друг да ги вози или си одат со такси.
Вашата границата при пиењето нека биде поднапиеноста.
Кога некоја личност е пијана, нејзиниот „возрасен“ заспива, така што таа го губи критичкиот став кон себе, ја губи способноста за самопроценување и тврди дека не е пијана. Бидејќи нереално ги проценува своите тековни способности и ги отпишува ризиците, таа личност инсистира на тоа дека „сè е како што треба“ и дека може да управува со автомобил.
Во оваа состојба, личноста може да се навреди кога другите членови на групата ќе ѝ кажат дека е пијана и дека не треба да вози. Таа може да стане агресивна кога некој ќе се обиде да ја спречи во намерата.
Ако личноста продолжи да пие, следен на редот за спиење е оној витален дел што го нарекуваме „дете“. Кога овој дел ќе почне да се исклучува, личноста станува поспана и заспива.
Ова заспивање може да се сфати како одбранбен механизам затоа што губењето на свеста го спречува човекот да продолжи да пие и да ја зголеми концентрацијата на алкохол во организмот.
Ако пијаното лице не заспие или ако за кратко време внесе премногу алкохол во организмот, може да се случи труење со алкохол што може да има смртоносен исход. Труењето со алкохол е сериозна состојба која бара медицинска интервенција за прочистување на желудникот.
Ако пиете, пијте паметно: не пијте на празен стомак, не мешајте пијалаци, пијте доволно вода и не дозволувајте да ја надминете состојбата на поднапиеност.
Можеби сакате да ги дознаете и 8-те совети коишто не треба да им ги давате на депресивните луѓе.