Зошто луѓето кои преживеале траума се емотивно затворени?
Посттрауматското стресно нарушување или на кратко ПТСН, е синдром на повреда на психата кој се појавил по една или повеќе трауматски ситуации. Иако, како и сите психички нарушувања, широката јавност го третира како табу-тема, но ова нарушување е реално и често присутно кај оние кои преживеале некаков трауматски стрес. Посттрауматското стресно нарушување и емоционалната затвореност се многу блиски појави и често едната е последица на другата. Многу луѓе кои преживеале некаква траума, потоа се обидуваат да избегаат од своите емоции и ова е една од најчестите појави во спектарот на симптоми на ПТСН.
Овие лица се плашат да чувствуваат и се обидуваат да ги избегнат и прегазат сите емоции поврзани со страв, тага и срам. Некои дури посегнуваат по лекови за да можат да го контролираат напливот на чувства. Сепак, психолозите велат дека емотивното затворање е нездрав начин на борба со нарушувањето. На краток рок дава добар ефект и моментално ослободување, но за во иднина, чувствата кои луѓето се обидуваат да ги избегнат, може да ги преплават и тоа во најлошиот можен момент.
Спектар на избегнувачко однесување
Во спектарот на избегнување при ПТСН се вклучени и обидите да се блокираат мислите и чувствата, но и одбивањето да се разговара за траумата, како и заобиколување на местата и луѓето кои потсетуваат на настанот. Исто така, избегнувањето значи и дека личноста има проблем да се сети на околностите, затоа што влијанието на самата траума е преголемо. Потоа, често се случува во периодот по траумата личностите да се дистанцираат од другите, да изгубат интерес за она што вообичаено сакаат да го прават и да не можат да развијат позитивно чувство кон ништо и никого.
Емоционалното избегнување во ПТСН
Психолошките наоди покажале дека луѓето со ПТСН или ги оттурнуваат или ги избегнуваат емоциите, и оние кои биле пред траумата, но и потенцијалните нови. Кај некои случаи е забележано и целосно изостанување на покажувањето на чувствата и емоциите. За жал, иако изгледа како правилен начин, ваквото избегнување може да влоши некои од симптомите на ПТСН, како и да го задлабочи проблемот уште повеќе.
Зошто избегнувањето на емоциите не функционира?
Емоциите секогаш настануваат со причина. Да не се тие, тогаш нема да знаеме ништо за себе, ниту за светот околу нас. Стравот, на пример, предупредува за опасност, а тагата дава сигнал дека треба повеќе да се грижиме за себе. Во самата физиологија на личноста е емоциите да бидат искажани, па нивното избегнување ќе даде ефект само во краток период.
Во основа, емоциите ќе се обидат самите да се изборат со поставената бариера. Кога ќе дојде до оваа точка, некои од луѓето со ПТСД ќе се обидат да ја контролираат ситуацијата со лекови, со цел да го спречат „излевањето“ на чувства и емоции од нив.
Исто така, потребно е да се вложи многу напор за овие емоции да останат блокирани, па можно е личноста која страда од ПТСН да ја потроши целата енергија на тоа и да не може да се посвети на останатите дневни активности. Енергијата која се вложува во избегнувањето и блокирањето на емоциите може негативно да влијае врз останатите ситуации, како што се фрустрацијата и иритацијата, па личноста може да стане лута и бесна и да се доведе до раб на нервен слом.
Како да се надмине проблемот?
Во ситуации кои личноста ги чувствува како безизлезни, секогаш е најдобро да се побара помош од стручно лице кое ќе ја процени состојбата. Но, пред да се отиде на психолог, психотерапевт или психијатар, најдобро е самата личност да се обиде да го редуцира избегнувањето на емоции. Постои ризик во даден момент ситуацијата да излезе од контрола и да се случи емотивен испад.
Стручното лице, со помош на терапија, ќе ѝ помогне на личноста со ПТСН да ги препознае и да ги разбере емоциите, како и да се пронајде коренот на проблемот, за истиот полесно да се реши. Ваквата појава го објаснува и влијанието на секојдневните настани врз мислите и емоциите. Една од најчестите терапии во вакви случаи е терапијата на прифаќање и посветување, која се фокусира на рушење на емотивната бариера и помага личноста да воспостави баланс на енергијата и да ја насочи кон важни нешта.
Целта на овие терапии е да се воспостави безбедно искажување и пристап до емоциите. Тука е вклучена и поддршката од најблиските, семејството и пријателите. Самоконтролата може да помогне да се контролираат нејасните и непредвидливите чувства, а може да помогне и во препознавање на причините кои ја предизвикуваат оваа состојба.
На крај, важно е личноста да најде хоби или интерес, каде ќе ги вложува емоциите и енергијата. Во момент кога настапува емоција која инстинктивно се блокира, лицето треба веднаш да најде нешто што ќе го привлече вниманието, како што е читање, разговор, јадење вкусна храна или бањање. На овој начин ѝ се дозволува на емоцијата да се намали и да биде полесна за прифаќање.
Дознајте и дали погрешно ги толкувате вашите емоции.