Зошто ќерките на ладните мајки секогаш го избираат погрешниот маж?
Психолозите многу често се сретнуваат со жени кои признаваат дека имале многу ладни, нечувствителни мајки. И иако се случува и двајцата родители да бидат вакви, сепак мајката е таа што остава најголема трага во животот на детето.
Ако мајката е емотивно ладна, дистанцирана од својата ќерка, тогаш детето во тоа семејство ќе се чувствува осамено. Мајката може да ѝ ги купува на својата ќерка и најубавите подароци, дури и да ѝ кажува дека ја сака секој ден, но ако не го покажува тоа со своите дела, тогаш нема да има никакво значење. Мајката не ја бакнува, не ја прегрнува и не ѝ кажува од срце дека ја сака и девојчето тоа многу добро го чувствува.
Кога детето ќе порасне покрај ваква мајка, за неа студенилото станува нормално. Ако мајката е емотивно ладна, тогаш таа љубов кон мајката преминува кон таткото. На тој начин девојчето станува „татина ќерка“ и најчесто израснува во жена што секогаш го одбира погрешниот маж.
Замислете ја следнава ситуација. Девојче што не се чувствува сакано, потребно… Таа мисли: „За да ме сака, јас морам да го заслужам тоа.“ И таа почнува да прави сè што може и не може за родителите да ја сакаат, особено мајката.
Кога ќе порасне, ова чувство продолжува, па така таа ќе има потреба постојано да се докажува како жена, мајка, вработена… Мислењето на мајка ѝ пак ќе ѝ биде од пресудно значење, и таа постојано ќе се прашува „Дали мама е задоволна со мене?“
Тие се толку многу фокусирани на ова прашање, што никој не може да допре до нив затоа што тие мислат дека никој не може да ги сака. Дека секогаш мора да ја заслужат љубовта. Токму затоа и тие влегуваат во врски со мажи што бараат од нив постојано да се докажуваат. Па, тие самите трчаат по децата, работат и по две работи, робуваат во домот и надвор од него сè додека не останат без здив… и сè тоа од желба да бидат сакани!