Зошто и добрите луѓе страдаат?

Зошто и добрите луѓе страдаат?

Веројатно ова е прашањето што сте си го поставиле кога прв пат сте се соочиле со суровоста на светот. Сега кога сте возрасни, можно е повторно да помислувате на ова кога сведочите на страдање и несреќа. А ако сте филозофи, ова прашање ве држи будни навечер додека се обидувате да ги решите мистериите на универзумот.

Зошто страдаат и добрите луѓе?

Можеби сте нашле утеха во религијата и верувате дека иако луѓето страдаат во овој живот, по смртта ги очекува некаков рај. Но можеби ова објаснување повеќе не ви е доволно без разлика колку утеха ви нуди. Можеби долго сте го барале одговорот на прашањето кое веројатно не се одговара. Сте страдале и сте верувале дека мирот се наоѓа од другата страна на „одговорот“. Поради ова среќата секогаш како да била на еден чекор пред вас, а ова е најлошиот начин на којшто можете да се измачувате.

Но, има голема вредност во ова страдање. Откако ќе се истрошите, откако ќе станете очајни, нешто во вас ќе се скрши, ќе се промени. Откако ќе се ослободите од тесниот поглед на општеството преку кој сте го суделе светот, вашиот ум ќе се прошири и ќе почнете да размислувате на нов начин.

За да постои ова прашање и за да може да нè мачи, потребно е да постојат следниве претпоставки:

1. Постојат добри личности.

2. Добрите луѓе не треба да страдаат.

3. Страдањето и болката се истото искуство.

Дали навистина постои добра личност?

Првиот одговор на којшто ќе помислите е „Да“. Тогаш можеби ќе се сетите на Мајка Тереза, Махатма Ганди, Исус и слично. Се разбира, овие луѓе биле добри, сочувствителни и дарежливи, но дали биле навистина „добри“?

Проблемот со употребата на јазикот е тоа што навистина нè ограничува. Колку далеку би стигнале ако застанете и навистина го разгледате карактерот на некоја личност? Можеби сте свесни дека некоја девојка е добра и дарежлива, но и малку невротична. Сепак за да ги направите нештата поедноставни, само ќе кажете дека таа е добра личност.

Проблемот со дуалноста на „добро“ и „лошо“ во јазикот е тоа што нè тера да веруваме дека светот е само црн и бел. Добрата личност заслужува да биде наградена, а лошата казнета. Овој опасен и дводимензионален начин на гледање на светот е она што создава страдање. Кога верувате дека сте добри луѓе, верувате дека треба да бидете поштедени од страдањата на животот.

Вистината е дека не постои добра личност која е секогаш наградувана и лоша личност која е секогаш казнувана. Луѓето воопшто не сакаат да го прифатат ова бидејќи навистина ги навредува. Можеби ќе помислите ако нема лоша личност, но тогаш што е со Адолф Хитлер или Чарлс Менсон? Јасно е дека овие луѓе биле студени, сурови и себични и навистина би сакале да ги видите казнети. Но, она што вие го мислите за нив, тие го мислеле за луѓето коишто страдале поради нив.

Можеби сметате дека сте добра личност која го заслужува најдоброто, но можеби некој ве смета за лоша личност која заслужува да биде казнета. Па, кој е во право? Вие или другите? Кој ќе ја донесе последната пресуда? Кое субјективно мислење е поточно? И ако си докажете дека сте добра личност, дали навистина сте 100% добри?

Едноставно, поделбата на луѓето на добри и лоши не го опфаќа целиот спектар на тоа што ве прави личноста што сте и тоа што ги прави другите луѓе тоа што тие се.

Дали добрите луѓе треба да страдаат?

Како што веќе кажавме, не постојат добри и лоши личности. Во тој случај прашањето не е „Дали добрите луѓе треба да страдаат?“ туку „Зошто луѓето страдаат?“ Вие сте само личност, ни лоша ни добра, но зошто да страдате? Исто така важно е и прашањето „Зошто да не страдате?“ и „Што точно дефинирате како страдање?“

Дали страдањето е кога ќе изгубите нешто што воопшто не било ваше, како партнер, дете или парче земја? Дали страдањето е некоја смртоносна болест? Дали страдањето е соочување со навреди, малтретирање или напуштање?

Како што сите имаат забележано, животот е полн со смрт и загуба. Целиот живот на Земјата се соочува со овие нешта. Па, зошто треба целиот живот да ги искусуваме овие нешта? Зошто би требало баш вие да имате посебен третман? Дали сте посебни или супериорни во однос на сè на оваа планета? Ако ја разбирате поврзаноста на светот, веројатно мислите дека не сте посебни, но сепак сакате страдањето да заврши.

Разликата помеѓу страдање и болка

Иако можеме да го сопреме страдањето, никогаш нема да можеме да се ослободиме од болката бидејќи таа е важен дел од нашите животи. Најчесто болката е моментална и си заминува. Но страдањето е продолжено, често бескрајно искуство кое ни припаѓа само на нас луѓето. Страдаме бидејќи му даваме отпор на животот и се држиме до нештата што се подложни на промени како луѓе, врски, ветувања и идеологии.

За жал често ги дефинираме страдањето и болката како исто нешто, но тие се разликуваат. Едното е неприродно (страдањето), а другото е природно (болката). Едното е производ на нашите ум и его (страдањето), а другото е производ на постоењето (болка).

Доколку се чувствувате навистина лошо и поразено, тогаш можеби овие цитати ќе ви ја дадат потребната инспирација.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Студент кој секојдневно се губи низ страниците на некоја книга. Пишувањето и јогата го прават нејзиниот ден целосен.

Поврзани содржини

Остави коментар