Зошто ги сакаме лошите момци?
Секоја девојка си има свој тип момци кои ја привлекуваат и за вкусови не се расправа. Но, никоја од нас не може да одрече дека барем еднаш во животот била привлечена од некое лошо момче. Зошто ги сакаме лошите момци?
Тие го имаат оној шмек на лош фраер, остар поглед на заводник, оставаат впечаток со своите движења и преовладуваат во друштвото, со други зборови, го освојуваат просторот околу себе.
Колку и да не признаваме, лошите момци шармираат, дури и истражувањата покажале дека се предизвик за девојките. Можеби во филмовите и приказните, девојките се вљубуваат во шармантните принцеви и добрите грижливи момци, но реалноста е поинаква. Девојките најчесто ги преферираат лошите и дрските момци. Кои се причините?
Опасноста – Ваквите момци се опасни и зрачат со адреналин. Да се биде со лошо момче е предизвик за девојката и на некој начин значи зголемување на нејзиното его знаејќи дека може да се носи со опасноста и ризикот.
Желбата да го промени – Девојката верува дека би можела да го промени и да го зачува за себе. Всушност огромен дел од девојките сонуваат за момче кое ќе биде лошо кон сите останати, а неа ќе ја третира како принцеза… да, можеби, но само во првите неколку месеци. Не залажувајте се, ако човекот е темпераментен, таков е секогаш и со секого! Најголема грешка е помислата дека би можеле да го промените.
Упорноста – Ваквите момци се навикнати да добиваат сè што сакаат. Можеби друго момче би се откажало откако еднаш ќе го одбиете или со денови ќе се мисли како да ви пријде, но за разлика од ваквите, лошите момци дејствуваат, ги користат сите свои тактики за освојување, самоуверено тргнуваат кон својата цел и не се откажуваат. Го хранат вашето его со нивната упорност да ве освојат сè додека не омекнете и станете кршливи.
Забранетоста – Најчесто врската со вакво момче спаѓа во оние забранети врски, тоа се оние момчиња кои не се прифатени од страна на родителите, особено од таткото на девојката. Тоа што врската не е одобрена, ја претвора во забрането овошје кое секогаш е послатко од дозволеното.
Заштитата – Девојките се чувствуваат сигурни и заштитени покрај вакво момче. Тој ѝ влева сигурност на девојката, па таа покрај него е безгрижна и безбедна.
Впечатокот кој таа го остава – Девојката покрај него, има поинаква слика за себе. Има перцепција за тоа како другите ја гледаат кога се заедно. Тоа е нешто како: „Да, јас го освоив!“
Авантури – Нивниот однос нема да е секојдневен и тој ќе ѝ пружи многу авантури. Дури и обичните работи со него ќе ги доживува поинаку, бидејќи тој е „фраер со диплома“, па ги знае сите трикови за тоа како да направи девојката да се чувствува посебно.
Цврстиот став и самоувереноста – Девојките сакаат момците да им ги исполнуваат желбите, но сакаат и момци со цврст став. Лошите момци нема да имаат став на „папучар“, тие се самоуверени и секогаш ќе знаат одлучно да речат „не“. Така девојките се слатко изманипулирани и привлечени од цврстината и начинот на кој тие го кажуваат своето мислење.
Од друга страна пак, лошото момче најчесто одбира покревки девојки на кои им е потребна заштитата која тој ја нуди. Така се чувствува помажествено и си го храни егото како мачо тип.
Интересно е тоа што најчесто, кога станува збор за сериозна врска или брак, најголем дел од девојките ги одбираат спротивните од тие лоши момци. Сакаат грижливи и верни сопрузи и добри татковци. Тогаш не им е примарност авантурата и опасноста, туку животната сигурност. Така што, колку и лошите момци да ги сметаат девојките за свои авантури, секоја девојка потајно во себе не го гледа лошото момче како потенцијален кандидат за сериозна врска или брак. Можеби она што секоја девојка го бара е некаков баланс помеѓу лошо и добро момче. Тој баланс не е тежок за постигнување, но не секој ќе се потруди.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.