Зошто е важно прво да се сакате себеси, а потоа партнерот?
Љубовта кон себе не е себичност, туку потреба. Веројатно досега сте запознаени со разните лица на љубовта почнувајќи од родителската, пријателската, а подоцна и романтичната. Но негде помеѓу сите се наоѓа и љубовта кон себе.
Љубовта често се опишува како чувство на интензивна блискост, но веројатно за неа има толку дефиниции колку што има и луѓе. Без разлика дали е опишана како состојба, потреба или емоција, јасна е нејзината важност бидејќи љубовта била причина за војување, пишување, сликање… Иако во животот се соочуваме со повеќе видови љубов, онаа која е најубава, но и која може да предизвика најмногу проблеми, е љубовта кон партнерот.
Овој вид љубов спаѓа во групата на најинтимни односи бидејќи на нејзина основа се создава ново семејство. За која било врска да успее потребни се постојани работа и труд, но покрај заедничкото согласување потребно е уште нешто – добар однос со самите себе.
Љубовта кон себе е тема што станува сè попопуларна бидејќи покрај романтичната врска, има големо влијание и врз останатите делови од животот. Со цел вашите врски да бидат стабилни, неопходно е да се сакате себеси бидејќи начинот на којшто се сакате самите е начинот на којшто ќе ве сакаат и другите. Замислете си колку поразличен би бил светот кога секој би се сакал себеси како што се надева дека ќе го сака партнерот.
Секоја врска бара трпение и многу енергија, а истото важи и за врската што ја имате со себе. Преголемата самокритичност и недостатокот од самоконтрола се едни од најчестите пречки во развивањето на љубовта кон себе. Но со постојана работа лесно ќе почнете да мислите добро за себе и да си ја дадете потребната љубов. Иако е тешко да се дефинира љубовта, често се кажува дека таа е извор на животот, па најпрво подарете си ја себеси пред да можете да ја дадете и на некој друг.
Прочитајте ги и овие цитати за љубовта кон себе што ќе ви го променат животот.