Зошто е тешко да се најде добар маж?
Формирањето стабилна љубовна врска не е лесно. Пронаоѓањето на добар маж може да изгледа невозможно. Жените најчесто се жалат поради одредени типови мажи, како оние кои се емоционално незрели, женкарите кои кршат срца, оние кои не ги почитуваат итн. Каде се добрите мажи и зошто е толку тешко да се најде добар маж, баш по „мера“ за долга и стабилна врска?
Колку видови љубов постојат?
Хелен Фишер во својата книга „Зошто сакаме“, го опишува постоењето на повеќе видови љубов, и тоа:
- Страст – љубов која се базира на силна сексуална желба
- Привлечност – чувство на потреба од партнерот и љубовна врска со него поради одредени причини
- Приврзаност – чувство на сигурност и желба да се основа дом и семејство со тој човек
Секој од овие „видови љубов“ се базира на различна основа. Доколку жената чувствува и страст и привлечност и приврзаност кон еден човек, тоа би било идеално, но најчесто не е така. Страста и привлечноста не можеме лесно да ги контролираме. Не можеме да избереме кон кого ќе чувствуваме сексуална желба, тоа едноставно се случува вон наша контрола. Но затоа влијаеме врз тоа кон кого ќе ја чувствуваме приврзаноста. Одлучуваме кој во иднина би бил внимателен сопруг и грижлив татко, бидејќи таквите одлуки ги носиме со „ладна“ глава.
Речиси секогаш се јавува конфликт меѓу мажите кои ни се привлечни и оние кои ги одбираме. Обично женкарите, заводниците или лошите момци, не се добар „материјал“ за сопруг во иднина. Па колку и да постојат чувства на страст и желба за личноста, жената се одлучува за некој кој е стабилен и некој за кој е сигурна дека нема да ја повреди или изневери и дека во иднина би бил добар татко.
Едноставно кога станува збор за иднина, се стремиме кон сигурност и безбедност, а веројатноста женкарот во иднина да биде верен сопруг и грижлив татко е многу мала. Па така, речиси секогаш, жените завршуваат потајно незадоволни со својот избор, баш поради конфликтот помеѓу привлечноста и приврзаноста.
Влијанието на модерното време
Модерното време им налага на жените да бидат, на еден начин, суперхерои. Модерната жена треба да има успешна кариера, но истовремено да го води домот и да биде грижлива мајка која е секогаш тука за своите деца, и секако, да биде убава и привлечна за својот сопруг. Тоа не е лесно. Бара труд, способност, интелигенција и силен карактер.
Баш поради тоа, жените се присилени да избираат партнери кои ќе бидат грижливи, ќе ги поддржуваат и почитуваат нивните одлуки, ќе застанат на исто рамниште со жената, некогаш дозволувајќи таа да биде супериорна. Обично оние пред кои жените паѓаат на колена, нема да дозволат женска супериорност. Тие секогаш ќе бидат глава на семејството. Силните и доминантни луѓе не поднесуваат некој ист како нив покрај себе, па затоа таквите врски не траат долго. Колку често забележувате парови во кои мажот не е толку привлечен и нема некоја посебна доминација во врската, додека жената на некој начин го води? Таа само се одлучила за маж кој може да се носи со нејзината амбициозност.
Да се постигне сè она што се бара од една модерна жена е многу тешко и неизводливо со сопруг кој не ја разбира и не ја поддржува. Затоа жената се стреми да најде маж кој ќе го прескокне гледањето фудбал со другарите, на пример, за да ѝ помогне да се справи со обврските. А тоа е многу важно, па затоа жените се подготвени да направат голем компромис и да погазат дел од своите критериуми за да најдат маж кој ќе ги поддржува.
Кои се можните решенија?
Често жените го прифаќаат водството и се одлучуваат за добри момци кои до некој степен ја дозволуваат женската доминација во врската. Други одбираат некој кој ќе биде силен и самоуверен водич и одлучуваат да се откажат од својата доминација.
Жените кои се отворени за полигамни врски, немаат проблем да го најдат тоа што го бараат во повеќе од еден партнер. И за крај, секако дека може да се постигне баланс во доминацијата. Улогата на водич може да се подели со распределба на задачите и улогите помеѓу двајцата партнери. Жената може да биде задолжена за еден дел од одговорностите, а мажот за друг. После сè, нели љубовта, врските и бракот значат компромис и разбирање, некогаш преземање на водството, а некогаш дозволување друг да ве води.
Сепак, она што е добро не се наоѓа лесно. Како што на жените им е тешко да најдат добар маж, така и на мажите им е тешко да најдат жена по своите стандарди. Често треба да се направи компромис за сопствените критериуми, но едно е сигурно. Никогаш не би требало да се остане со некој само затоа што тој совршено го негува имиџот на лошо момче, а не ве почитува. Ниту пак, би требало да останете со некој кон кого не чувствувате привлечност, само затоа што ви е сигурен партнер. Постои некаков баланс, секогаш го има, само треба да го пронајдеме.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.