Зошто е подобро да се будите порано?
Секое утро алармот ви ѕвони за на работа, а вие би дале сè да можевте да спиете барем уште 2-3 часа, како за викендите. Ако го мразите станувањето рано обидете се да го засакате бидејќи се покажало дека тоа има позитивно влијание врз целокупното функционирање. Дури и ако не сте утрински тип, тоа може да се смени. Ќе ви образложиме зошто никогаш повеќе не треба неколкупати да го исклучувате алармот наутро пред да станете. Утрата можат да бидат продуктивни и магични ако научите да уживате во нив!
Неколку независни истражувања покажале дека луѓето што стануваат рано генерално се попродуктивни, имаат подобри работни места и плати, посреќни се и позадоволни се од животот од оние коишто сакаат подолго да спијат. Но, овде се мисли на луѓе кои стануваат навистина многу рано.
Во друго истражување на истата тема учествувале 510 индивидуи што станувале рано (под тоа се подразбира помеѓу 4 и 7 наутро) и 506 доброволци коишто станувале касно (во овој контекст тоа биле луѓе што се буделе помеѓу 8 и 12 попладне). Истражувачите ги интересирало како се одразува времето на будење на одредени сфери од животот, расположението и платите. Се воспоставило дека меѓу оние што стануваат уште во зори, односно првата група, биле значајно попродуктивни, позадоволни од својот живот, со добра работа и следствено на тоа со подобра плата. Исто така, добиените резултати покажале дека од квалитетот на сопствениот живот многу се позадоволни оние што стануваат многу рано и имаат подобар социјален живот за разлика од испитаниците од втората група.
Покрај тоа, настрана од овие истражувања, постојат уште причини за да се будите порано.
Повеќе време за слободни активности пред да се започне денот
На пример, ако станете еден час пред вашиот аларм, тоа време можете да го исполните со каква било активност по ваш избор. Да претпоставиме дека досега сте станувале во 7 часот.
Во тој случај, ако станете во 6 часот, ќе имате доволно време за расонување, за вежбање, за читање 30-тина страници од некоја книга, за подготовка на брз појадок, за уживање во утринското кафе, па можеби дури и за влегување под туш или сè друго што ќе ви падне на памет, по ваша волја.
Можност да се ужива во утринската тишина додека сите спијат
Утрата се тивки и свежи, а со тоа и ве исполнуваат со спокој доколку знаете како да уживате во нив. Тишината која подоцна веќе ќе ја нема искористете ја за да застанете за момент и да бидете сами со своите мисли. Можеби во текот на денот сте опкружени со многу луѓе, а ова ви е единствената прилика да бидете сами со себе. Можете да медитирате 15 минути, да ги запишувате мислите во дневник или да слушате музика што ќе ви даде енергија и ќе ве мотивира дополнително.
Можност да се прават планови и списоци за обврските во текот на денот
Можеби не функционирате преку редовно планирање обврски, правење списоци, листи и организирање на работите, или го правите тоа, но ако претходниот ден сте немале време да направите краток потсетник – тоа можете да го направите утрото ако станете еден час порано. За ова корисно е да имате бележник каде што ќе забележувате, но може да се најдат и корисни апликации за планирање коишто ќе ги инсталирате на вашиот мобилен и ќе ви бидат од голема помош.
Ова се навистина многу добри причини наутро при првото ѕвонење на алармот да скокнете од креветот и да го зграпчите денот!
Дознајте кои се тие работи што им се добро познати на сите ранобудници.