Знаете ли да го контролирате срамот?

Знаете ли да го контролирате срамот?

Автор: Калин Бабушку

Срамот е општа појава карактеристична за секого. Кај некој повеќе, а кај некој помалку, но сите ние имаме срам. Колку знаеме да го контролираме или дали тој нѐ контролира нас е клучното прашање.

1-znaete-li-da-go-kontrolirate-sramot-kafepauza.mk

Контролата на срамот е многу тешка работа. Токму поради тоа што не можеме и не знаеме како да го контролираме, во нашиот живот не се случуваат многу работи што ние би сакале да ни се случат. Од друга страна, пак, сите ние сакаме да бидеме перфекционисти и тоа дополнително ни прави проблеми во главата да се срамиме.

Поради срамот што го поседуваме, многу пати не сме поставиле некои прашања, не сме добиле нешто што сме сакале, не сме поканиле дечко/девојка на состанок, итн. Дополнително на ова, поради срам (наш или на тие околу нас) некои луѓе не напредуваат на работа, не се истакнуваат, а имаат предиспозиции, не се активни, а имаат знаење и многу други работи кои доведуваат до фрустрации, но и незадоволство кај вашите надредени (од кај да знаат тие дека се срамите?!). И сега се поставува прашањето: ќе се срамите цел живот или ќе направите некои промени кај вас што ќе ви помогнат да го совладате срамот. Ако сте подготвени да се промените, еве ви неколку совети како да го направите тоа:

Луѓето не можат да знаат какви сте вие – Само вие знаете какви сте. Имајќи го тоа предвид, само вие знаете дека се срамите, а луѓето можат да го увидат тоа само ако ВИЕ им го дозволите тоа.

Она што се гледа, тоа не сте вие – Ова ви го кажувам затоа што најчесто кога се срамите да направите нешто или поцрвенувате или се препотувате или ви се случуваат промени кои мислите дека се видливи. Но видливи се само, доколку ВИЕ мислите дека се видливи. А и да се видливи, што ви е гајле!! Па вие не сте такви. Не сте вие цело време поцрвенети! Не сте вие цело време испотени!

Заборавете го минатото – Ако ви се случиле незгодни ситуации или сте се посрамотиле во некоја ситуација, заборавете ја. На грешките учиме за да не ги повториме. Само тој што не греши не напредува!

Ако има некои работи што не можете да ги промените, бидете свесни за нив, но нека тие не ви влијаат на вашето однесување.

Околина – Луѓето околу вас знаат понекогаш да бидат многу груби, да исмејуваат и да бидат тенденциозни. Имате избор или да не ги слушате што ви зборуваат (па и да не се дружите со нив) или да ги слушате, но да го земате само тоа што е добро од нив, а другото да го игнорирате. Во секој случај, мојот совет, во однос на околината, е да ја игнорирате.

Моите другари кога бевме во тинејџерски денови ме исмејуваа за мојот лош англиски јазик, но јас и понатаму продолжував да си зборувам со странците како што јас умеам и знам. Од голема помош ми беше една пријателка на моите родители којашто ми рече: Калин, па тоа што ти се трудиш да зборуваш на нивниот јазик е само плус за тебе, а верувај, сите странци се задоволни кога ќе видат дека некој се труди. Каде ќе бев, ако ги слушав задевањата на моите другари, што мислите?

Земете воздух – Ако сте во некоја ситуација (сакате да поставите прашање пред голем аудиториум или да се истакнете), а свесни сте дека може да има последици за вас и вашето однесување, земете длабоко воздух. Контролирајте го дишењето, затоа што дишењето во тие ситуации е најважно.

Нека секоја ситуација влијае позитивно на вас – Ќе имате многу ситуации во кои ќе „заплеткате“ нешто, но немојте да дозволите тие да влијаат на вас негативно, туку баш напротив. Учете од секоја ситуација

Нов во друштво или на работа – Прво истражувајте и гледајте ги тие околу вас. Бидете културни и внимателни, но и позитивни. Делувајте откако ќе имате доволно информации.

Има уште безброј други работи кои може да ги направите, но ако можете да забележите, сите се однесуваат на вас и само од вас зависат. Што и да правите, потребни се промени кај вас, а не кај околината.

Петар Лазаров и Калин Бабушку, основачи на Македонија Експорт, се автори на прирачникот Tip of the week кој изобилува со совети за личен и професионален развој. Повеќе информации ќе најдете на нивната страница на Фејсбук.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар