Знаци што откриваат дека вашето дете поминува премногу време на социјалните мрежи

Знаци што откриваат дека вашето дете поминува премногу време на социјалните мрежи

Создадени со цел да ги поврзат луѓето ширум светот, социјалните мрежи се и решение и проблем. Иако ви даваат можност секојдневно да комуницирате со најблиски кои се далеку од вас, многу истражувања покажуваат дека сè повеќе луѓе се чувствуваат отуѓени со нив. Имено, зголемената употреба на социјалните мрежи создава невидлива бариера помеѓу индивидуата и луѓето со кои таа е во секојдневен офлајн-контакт. Сепак, она на што треба да се посвети посебно внимание е влијанието на социјалните мрежи врз децата.

Знаци што откриваат дека вашето дете поминува премногу време на социјалните мрежи

Експертите тврдат дека последиците што ги имаат социјалните мрежи врз децата се многу опипливи. Сè поголем број деца бараат потврда за својата вредност на социјалните мрежи и многу лесно развиваат симптоми на депресија и деструктивно однесување. Покрај тоа, адолесцентите лесно стануваат зависни од социјалните мрежи создавајќи проблеми со недостатокот на самодоверба, квалитетот на спиење и вознемиреноста. Како да препознаете дали вашето дете е премногу активно на социјалните мрежи?

Вашето дете е воодушевено само од дигиталните достигнувања

Иако не е спорно дека некои дигитални достигнувања може да бидат позитивни, како што е онлајн-петицијата за чистење на животната средина, генерално тоа не е причина зошто децата се воодушевени. Бројот на лајкови собрани на објавената фотографија е она кон што тие се стремат. Ако бројот на лајкови е исклучително важен за вашето дете, тоа е јасен показател дека тоа претерува со времето што го поминува на социјалните мрежи.

Премногу се споредува со врсниците

Дури и возрасните се споредуваат со другите, но работите се многу поделикатни во детскиот свет бидејќи тие сè уште се развиваат и ако се обидат да се натпреваруваат со своите „совршени“ врсници на социјалните мрежи, никогаш нема да бидат задоволни. Ако премногу се споредуваат со другите, никогаш нема да добијат шанса да откријат кои се тие всушност.

Неговата онлајн-слика е многу различна од онаа во реалниот живот

Ако ги погледнете сликите објавени од вашето дете и ако на нив е речиси непрепознатливо, тоа е јасен знак дека треба сериозно да разговарате со него. Ако детето сака другите луѓе да го перципираат како нешто што не е, тоа е очигледен показател за неговото незадоволство од самото себе или од својот изглед.

Го жртвува времето во реалниот живот за времето поминато на социјалните мрежи

Ако вашето дете не го остава телефонот настрана дури и кога ќе дојдат неговите пријатели, јасно е дека е премногу приврзано за социјалните мрежи. Ако, пак, не можете да го натерате да се посвети на некоја друштвена игра со остатокот од семејството, без упорно да се обидува да ви објасни дека треба да објави нешто во моментот, време е да му го земете телефонот од рака.

Ви се лути затоа што му го зедовте телефонот

Како реагира вашето дете кога ќе му кажете да не го користи телефонот неколку часа? Дали е тажно или агресивно? Ако имате впечаток дека му го уништивте целиот свет затоа што му го одзедовте телефонот, размислете како да успеете да му објасните дека социјалните мрежи не треба да бидат целиот негов свет.

Прочитајте на која возраст е најдобро вашето дете да го добие својот прв мобилен телефон.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Со пишување може да постигне многу. Никогаш не се откажува од своите соништа.

Поврзани содржини

Остави коментар