Знаци кои покажуваат дека покрај него НЕ може да бидете она што навистина сте
Кога започнуваме нова врска секогаш имаме трема. Дали ќе се покажеме во најдобро светло, дали ќе претераме со тоа и дали понатаму ќе можеме да ги одржиме стандардите и да ги исполниме очекувањата. Дали ќе наидеме на разбирање онаму каде што сме срамежливи и повлечени или пак онаму каде што сме слободни и исполнети? Дали личноста ќе ја шокираме или ќе бидеме досадни? Како да се поставиме, како да се опуштиме, како да не размислуваме за тоа како треба да се однесуваме?
Секој почеток на врската е повеќе застрашувачки и напнат отколку возбудлив и опуштен. Овие знаци покажуваат дека во врската нема да може да бидете опуштени и она што навистина сте. Ако се присутни во вашата врска, верувајте дека нема да бидете среќни ниту сега ниту во иднина.
1. Забелешки за вашето облекување
Без разлика дали тој ви префрла за тоа дека сте облечени премногу провокативно или пак можеби формално, ако тоа не е во контекст со грижата дали ќе се чувствувате удобно во тие чевли или дали ќе ви биде топло во таа јакна, тогаш се неприфатливи. Она во што се облекувате е израз на вашето расположение во тој момент, но и на вашиот стил. Ако тој прави забелешки за „пакувањето“ тогаш сигурно ќе сака да ја промени и „содржината внатре“. Бидете сигурни дека ова не е начин на кој ќе ви биде удобно покрај него.
2. Насоки за вашето однесување кога треба да се запознаете со некого
Во ред е ако сака да ве предупреди дека другата личност со која ве запознава може да биде непријатна и неучтива, но да ви даде определени насоки како да се однесувате бидејќи се плаши какво мислење ќе има таа личност за вас како негов избор, докажува дека тој нема доверба во вас и вашето однесување. Се плаши да не го посрамотите. Вие не сте трофеј кој тој ќе го покажува наоколу и не сфаќајте го ова како комплимент. Нема да успеете да бидете во врска со формалист кој ќе ја забележува секоја трошка прашина на својот трофеј.
3. Покажува вкочанетост во физичката комуникација
Во неговите физички движења нема ниту трошка спонтаност. Не сака да се гушка, да ве држи за рака, нема мали бакнежи во косата, образот, рамото. Се однесува како физичката комуникација да е резервирана само за сексуалните активности каде што е неизбежна. Непријатноста да ја сподели топлината, симпатијата и прифаќањето на физичкиот контакт е одбивање на вашето присуство во неговиот интимен простор. Не очекувајте дека тоа ќе се промени, бидејќи тоа не е навика, туку порака од неговите очекувања за во иднина, а таа гласи – не досадувај ми.
4. Не ужива во вашето мислење
Можеби нема доверба во женското гледање на работите, можеби ја потценува вашата интелигенција, а можеби не сака никој да се меша во неговите работи. Патријархалното воспитување од мажот може да направи тој да мисли дека одлуките што тој ги донел воопшто не треба да ги преиспита, дури и кога вие со своето мислење му ги укажувате на неговите слабости и недостатоци. Тој очекува вие да знаете каде е вашето место, а со тоа нема да ви ја пружи потребната удобност во искажување на своето мислење и да бидете она што сте.
5. Генерално критички е настроен
Критички настроениот маж не е спремен да ве прифати такви какви што сте, бидејќи постојано ќе ве споредува со неговиот идеален тип жена, кој може да биде имагинарен или пак реален, но сепак во таа споредба секогаш ќе биде незадоволен од вас. Вие не сте идеална жена, туку личност која заслужува да биде сакана онаква каква што е.