Знаци дека ја саботирате вашата врска, зошто го правите тоа и како да престанете?

Знаци дека ја саботирате вашата врска, зошто го правите тоа и како да престанете?

За тоа што не ви оди во љубовта може да ја окривите судбината или партнерот, но факт е дека неретко самите сме виновни за пропаѓањето на нашите љубовни врски. Можеби треба да прекинете да ја употребувате фразата „не ми оди во љубовта“ или „сите машки/женски се исти“, и да се осврнете повеќе кон себеси.

Денешната тема на размислување е анализа на нашите врски, нашите ставови и постапки, но најважно зошто и како ги саботираме љубовните врски. Да, некогаш самите себеси сме си најголеми непријатели. Многу е полесно прстот да го впериме кон некој друг, но сигурно сте чуле дека кога покажувате со прст, другите прсти се вперени кон вас. Запаметете: само една личност може да промените, а тоа сте вие самите.

Знаци дека ја саботирате вашата врска, зошто го правите тоа и како да престанете

Знак: Се повторуваат постапки и зборови од претходните врски

Не е здраво постојано да се навраќаме во минатото туку да го оставиме зад себе. Но, со цел да си ги согледаме грешките, може да ни послужи како добар пример. Потсетете се на најголемите кавги и несогласувања од претходните врски. Можеби тогаш не сте можеле да ги согледате нештата субјективно, но денес колку-толку може да размислите со ладна глава за случувањата од минатото. Зошто најчесто избувнуваа кавги? Кои беа најголемите несогласувања? Кои фрази ги користеше вашиот партнер за да опише што не чини во вашата врска? Доколку некои од овие нешта се повториле во макар две претходни врски, тогаш голема е веројатноста дека вие сте проблемот. Да, за кавга се потребни двајца, но фер е да признаете дека вие можеби го правите поголемиот дел и свесно или не, ја саботирате сопствената врска.

Што да направите?

Добро согледајте ги сопствените постапки и зборови. Набљудувајте се од страна. Штом нештата се повторуваат, постои нешто во вас што ги предизвикува таквите резултати. Не мора да биде само во љубовните врски туку и во пријателствата. Главно решение е да станете свесни што е тоа што го правите што поттикнува кавга, несогласувања и недоверба. Дали вашиот поглед често лута по други девојки, можеби и без лоша намера? Можеби затоа во вашите 5 претходни врски девојките биле љубоморни. Дали имате навика постојано да се жалите од партнерот обвинувајќи го дека не прави доволно за вас? Можеби затоа во вашите 3 претходни врски кавгите се случуваа поради вашите барања.

Сега кога ја согледавте потенцијалната причина за расправии, обрнете ѝ посебно внимание и работете на тоа да не ги повторувате тие ваши навики.

Причина: Емоционалниот однос со вашето семејство

Емоционалните навики стекнати во процесот на растење несомнено ќе се одразат на тоа како се поставувате во вашите љубовни врски. Дали добивавте доволно љубов и внимание од вашите родители? Дали се чувствувавте занемарено? Дали можевте да зборувате отворено за тоа како се чувствувате? Дали вашите родители ви влеваа доверба, сигурност и ве учеа да верувате во себе? Вашите ставови за љубовта се изградени уште од најмали нозе само што не сте свесни за тоа. Вашите родители ви биле првиот пример за тоа како мажот и жената треба да се однесуваат во една заедница.

Што да направите?

Земајте примери од родителите. Добри и лоши. Ситуациите во кои ви давале добри примери нека ви послужат како совет. Дали вашиот татко има посебна тактика како да ја смири тензијата и да ја прекине кавгата? Може да ја примените. Лошите ситуации и примери нека ви бидат предупредување – внимавајте да не ги повторувате бидејќи и самите знаете какви се последиците, сте биле сведок многупати. Дали вашата мајка често се мешала кога вашиот татко ве советувал, нарушувајќи го неговиот авторитет? Тогаш не се мешајте кога навистина нема потреба од тоа.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

Остави коментар