Зимски моден тренд во кој ќе се заљубите на прво облекување
Везот го засакавме уште во пролетните и летните парчиња облека, и откога престана да нè потсетува на гоблените кои висат кај нашите баби во домот, стана синоним за висока мода. Затоа, многу радосна вест е што извезените елементи се преселија и во есенските и во зимските колекции. Од јакни и капути, до здолништа и чизми, очигледно е дека овој елемент може да се пронајде насекаде, а ваше е само да изберете кое парче облека најмногу ви одговара и во кое најдобро се чувствувате. И да, воопшто не е комплицирано да ги комбинирате. Разнобојните елементи се тука за да ја разбијат секоја монотонија, а доколку сакате да експериментирате, овие парчиња ви даваат простор за тоа.
Кожна јакна
Регуларната јакна заменете ја со ова унапредена верзија и бидете сигурни дека никаде нема да поминете незабележано.
Чизми
Реално, дали нешто може да тргне наопаку ако ги имате овие или слични убавици на нозете? И низ снегот се оди полесно ако ве следи цвеќе, верувајте ни.
Здолниште
Ги сакаме здолништата и не сакаме да се откажеме од нив во текот на зимата, а посебно нè радува кога се носат со пролет на себе.
Џемпер
Вез плус апликации и бисери, го прават секој џемпер многу поинтересен за носење. Идеално зимско парче облека кое мора да го имате во вашиот плакар. Ем е топло, ем е забавно!
Фустан
Носат слична радост како здолништата, со тоа што фустаните се сјајно решение за деновите познати како „Немам што да облечам“. Нема премногу комбинирање и мислење. Фустан и подебели хулахопки и подготвени сте.