Животот е поубав кога го гледаме низ очите на дете. Еве зошто!
Децата се најневината форма на живи суштества. Мали, слатки, смешни и снаодливи, па понекогаш и досадни, децата се секогаш нов извор на радост и среќа. Се прашувате зошто? Бидејќи тие се оградени од сите бесмислени работи со кои сите останати луѓе се оптоваруваат. Едноставно, нивниот мозок сѐ уште не е затруен со отровите на општеството и оние кои ние самите си ги наметнуваме. Тие гледаат поинаку на нештата и светот низ тие очи е поубав.
Сѐ им е ново
Покрај очигледниот факт дека навистина поголемиот дел од работите ги гледаат за прв пат, она што е неверојатно е што тие секој пат се воодушевени од нив. Децата уживаат во секоја нова работа, секој нов ден, секоја нова личност. И секое утро носи нови авантури за нив. Замислете си како би било кога и вие секој нов ден би го гледале со нови очи, како тој ден да е полн со нови искуства, нови возбуди, нови можности. Обидете се…
Сѐ што им се случува е ново искуство за нив и носи поучна лекција
За разлика од нас возрасните, децата се непресушен бунар на зошто прашања. Сакаат да знаат сѐ, па и повеќе од тоа, постојано интересирајќи се што и како се случува околу нив, кој и зошто го направил ова или она, како нешто функционира. Просто е неверојатно колку децата имаат желба за знаење и учење на нови работи. А можете ли да замислите како би било кога и вие би ја имале таа жар за спознавање на нови нешта?
Секој може да им стане пријател
Децата не знаат за предрасуди, место или време. Кој било, во секое време и на секое место има потенцијал да им стане пријател, а убавината е во тоа што не е многу потребно за тоа да се случи. Децата едноставно обожаваат да запознаваат нови луѓе бидејќи за нив, тие луѓе се нов извор на знаење, игри и авантури. Кога последен пат вие сте се запознале со некој кој заедно со вас чекал ред во банка или на кој случајно сте налетале во продавница? Кој знае, можеби баш таа личност ќе ви станела навистина добар пријател.
Мислат позитивно
И не знаат како поинаку. Децата се полни со љубов и радост и желба за игра и смеа. Тие го гледаат светот и сите во него со таква позитивна енергија и жар кои прават да е невозможно да не им се восхитуваме. Не знаат што е лошо или гадно, само позитивно гледаат на работите и возбудени се секој пат кога нешто им се случува. За разлика од нив, ние возрасните секогаш се оптоваруваме со секоја, дури и најмала ситница која може да има негативен исход, па така, наместо повеќе да уживаме, ние губиме драгоцено време дозволувајќи им на реалноста и песимизмот да надвладеат. Но што кога би си дозволиле барем еден ден да гледаме низ очите на децата, позитивно и без тронка сомнеж?
Можат да бидат сѐ што ќе посакаат
Дали се сеќавате кога како деца сонувавте што ќе бидете кога ќе пораснете? Астронаути, археолози, пилоти и што ли уште не, сѐ додека не пораснавте и решивте да го работите она кое ви било достапно пред носот? Или можеби бидејќи тоа се очекувало од вас? Сега можеби се наоѓате на работна позиција што не ви се допаѓа, работејќи нешто што не го сакате и слушајќи некој шеф кој ни најмалку не ве почитува. Но, што ако си дадете себеси повторно шанса да бидете тоа дете кое верува дека може да биде сѐ што ќе посака? Бидејќи голема е веројатноста дека ако навистина се потрудите, ќе успеете во тоа. Никогаш не е предоцна.
За децата, светот е полн со можности и авантури
И навистина е. Невиниот поглед низ детските очи прави сѐ да е шарено и весело, во секоја дупка да се крие ново изненадување, зад секоја врата да се наоѓа некоја авантура и секој момент да значи нова и возбудлива можност да направат нешто. Всушност, факт е дека така и е во реалноста. Светот е полн со нови предизвици и милијарда различни можности. Секоја отворена врата е шанса и за нас возрасните да научиме нешто ново, да бидеме нешто повеќе, да запознаеме некого. Треба само да се обидеме да погледнеме со очите на дете бидејќи единствено така ќе ја согледаме таа шанса.
Прават работи едноставно бидејќи зошто да не?
Ако сакаат да пробаат нешто, тогаш за нив не постои доволно добра причина зошто да не го направат тоа. Тие не знаат што значи да не треба да направиш нешто, немаат граници, па слободно и лесно се одлучуваат на секој чекор. И вие го можете тоа. Ако сакате слободен ден, тогаш земете еден и одете правете нешто што сакате. Одете на часови за готвење не затоа што не знаете да готвите, туку бидејќи сакате и нема причина зошто да не го направите тоа. Летајте со параглајдер. Живејте го животот различно и слободно само бидејќи не постои подобра причина зошто не би го направиле тоа.
Нивната имагинација нема граници
Иако се чини така, ни за нас возрасните не е невозможно да мечтаеме и сонуваме. Да, соочени со реалноста постојано сме приморани да размислуваме и да носиме одлуки базирани повеќе на можностите и моменталната ситуација. Но зошто тоа би нè спречило да го пуштиме умот на слобода и да му дозволиме да шета низ бескрајното поле полно со неверојатни случувања? Исто како кај децата – нивната имагинација нема граници, таа не познава никаков знак за стоп или забрането и во тоа е и убавината на детското мечтаење. Давајќи си ја себеси таа шанса да мечтаете низ очите на детето, вие се отворате себеси за нови прилики и доживувања, а кој знае, можеби некои од нив и ќе се остварат.
Не се грижат што другите мислат за нив
А и како би можеле? Нивниот ум не е загаден со сите отрови на реалноста, малограѓанштината и простотилакот. Слободни од тие препреки, децата уживаат правејќи го она што тие го сакаат, гушкајќи го секој момент, живеејќи низ секоја случка. Можете ли да замислите колку е тоа чувство ослободувачко? Не се заморувате со тоа што да облечете, со кого ќе излезете на состанок, дали вашето и така пристојно однесување можеби некого навредило. Животот е полесен, животот е поубав, животот е повесел. Луѓето секогаш ќе зборуваат и ќе имаат мислење базирано на нивната потреба за лечење комплекси, но немојте да им го давате задоволството и да се грижите за кој било нивен збор.
Сите ние сме биле деца и тие деца се сѐ уште некаде во нас, желни за игра, смеа и слобода.