Живејте здраво: Ајурведска препорака за летна исхрана
Која храна е најдобра за летото? Можеме ли да направиме нешто во текот на летните денови да се чувствуваме подобро и полесно да ги поднесуваме жештините? Индиското учење Ајурведа дава совети за летна исхрана и објаснува што се случува со нашето тело во текот на овој период од годината. Секое годишно време има одредено влијание врз чувствителната рамнотежа во нашиот организам. Тоа влијание можеме да го ублажиме со промена на некои наши животни навики и промени во исхраната. Летно време, сонцето ја покажува својата сила, предизвикува испарување на насобраната влага во земјата и создава жештини и суви периоди. Во текот на летото доминира дошата пита. Зборот „пита“ доаѓа од санскритскиот збор „тап“, што значи создавање топлина. „Пита“ карактеризира топлина, енергија, светло и промена.
1. Која храна е најдобра за топлите летни денови?
Летно време избирајте слатка, студена и течна храна, како што се млечните пијалаци, ориз, овошје и тофу. Сокот од алое вера е одличен тоник од билки за летниот период кој помага во работата на црниот дроб и го разладува организмот. Бидете умерени со алкохолот, затоа што може значително да ја зајакне дошата пита. На истиот начин, како алкохолот, можат да влијаат и премногу зачинетите, киселите, масните и солените јадења. Макробиотиката нè учи дека во лето треба да јадеме колку што е можно полесна храна, како што се сезонското овошје и зеленчук, кои растат локално и да пиеме многу вода и супа од зеленчук.
2. На кои продукти да им даваме предност?
- Слатко овошје – јаболка, кајсии, смокви, цреши, грозје, лубеници, дињи, сливи
- Зеленчук – тиквички, шпаргли, пиперки, свежа пченка, краставици, карфиол
- Никулци
- Житарки – јачмен, бел басмати ориз, производи од интегрална пченица
- Мешунки – леќа, наут
- Производи од соја – тофу, млеко од соја
- Семки од тиква и сончоглед
- Домашни млечни производи – свежо сирење, кравјо млеко, козјо млеко
- Зачини – свеж босилек, коријандер, ким, копар, нане, шафран, куркума
- Масло (умерено) – маслиново, сончогледово…
- Пијалаци – вода, свежо цедени овошни сокови, сокови од зеленчук
- Разладени млечни пијалаци и процедени супи од зеленчук
- Ладни чаеви – камилица, хибискус, коприва, нане
3. Кои продукти е најдобро да се избегнуваат поради топлата енергија?
- Кисело овошје – кисели јаболка, недозреано овошје, рибизли, вишни, зелено грозје, лимон
- Зеленчук – цвекло, морков, модар патлиџан, лук, маслинки, сиров кромид, лути пиперки
- Житарки – пченка, хељда, ‘рж, просо, овес
- Јаткасти плодови – бадеми, бразилски оревчиња, индиски оревчиња, ореви, кикирики
- Сусам
- Лавор, каранфилчиња, оригано, црвен пипер, рузмарин
- Тврди сирења, фета сирења, кисела павлака, јогурт (може разреден со вода 1:1)
- Алкохолни пијалаци, газирани пијалаци, кафе, чај, кисели овошни сокови
- Чаеви – од ѓумбир и цимет
4. Како би требало да изгледа дневното мени?
Почеток на денот со житарки во соино или домашно кравјо млеко, за појадок овошна салата, за ручек – крекери од пченица, намаз од зеленчук и мешана салата од различен зеленчук. Потоа за ужина може да имате студен чај, вечера од варен наут, варен ориз и динстуван зеленчук. За десерт може да се послужите со пудинг од ванила или гриз со овошје. За пиење користете природен овошен сок разреден со еднаква количина на вода. Ваквиот начин на исхрана треба да се практикува до крајот на летото. Потоа со почетокот на есента, со зачестените дождови и влага, ќе се внесат одредени промени кои соодветствуваат на тој период од годината.