Женски парфеми кои ја одбележаа 2012 година
Автор: Бојана
Коко Шанел сметаше дека жената без парфем е жена без иднина. Некогаш од жената се очекувало да поседува сопствена уникатна мирисна нота, но во денешно време, менувајќи ги секојдневно, парфемите се третираат повеќе како модни додатоци. Ова прави продажбата на парфеми на пазарот да зависи не само од самата миризба на производот, туку сè повеќе акцент се става на дизајнот на пакувањето, рекламите, заштитните лица итн.
Само во 2012 година, на пазарот беа лансирани повеќе од 600 нови женски парфеми. Магазинот „Форбс“ ја објави листата на десетте најекстравагантни и највозбудливи парфеми за изминатата година. При изборот земени се предвид фактори како што се уникатноста на производот, кампањата, медиумската покриеност, како и успешноста во продажбата.
1. Bombshell Fantasy – Victoria’s Secret
За „Victoria’s Secret“ се вели дека е компанија која дијамантите од венчалните прстени ги пренесе на долната облека. Минатата година тоа го сторија и со нивниот најнов парфем. Овој гламурозен парфем чини „само“ половина милион американски долари. За промоцијата да биде уште погламурозна, беше употребен 2,5-милионскиот градник „Floral Fantasy“ од 18-каратно злато со бели и розови скапоцени камења.
Самото шишенце на парфемот е уникатно и гламурозно, обложено со жолти и розови скапоцени камења и рачно изработена пеперутка, чие тело се состои од 10-каратни бели дијаманти. Кон неверојатната визуелна привлечност на производот придонесува и неговото заштитно лице, познатиот ангел Алесандра Амбросио.
Сигурно се прашувате како мирисаат овие половина милион долари? „Bombshell Fantasy“ е комбинација на виолетова пасифлора, шангри-ла божур и ванила орхидеја со горни ноти на танџело (хибрид од мандарина и цитрон), ананас и јагода, средни ноти на јасмин и суви основни ноти на мошус и дабова маховина.
2. Burberry Body Crystal Baccarat Edition – Burberry
Станува збор за богата и заводлива интерпретација на „Burberry Body“, спакувана во рачно изработено кристално шише, промовирана во ноември минатата година. По повод 156-годишнината од основањето на „Burberry“, произведени се само 156 рачно нумерирани шишиња од овој парфем.
Овој потентен женски парфем е зајакнат со арома на роза и топли тонка зрна, со цел да се интензивираат горните ноти на апсинт и праска, средните ноти на ирис и сандалово дрво и базичните ноти на кашмир, ванила и мошус. 45-милилитарското шишенце од овој парфем чини 3,500$.
3. Gucci Premiere – Gucci
Овој парфем е инспириран од колекцијата на свечени фустани „Gucci Premier couture“, која беше прикажана за време на Канскиот фестивал во 2010 година. Според креативниот директор на „Gucсi“, Фрида Џанини, миризбата на парфемот е женствена, интригантна и заводлива како совршен вечерен фустан.
50-милилитарското шише чини 87$ и содржи ноти на бергамот и портокал, со основни ноти на кожа, пачули и сандалово дрво. Заштитно лице за овој парфем е младата актерка Блејк Лајвли, меѓу публиката позната како Серена во познатата американска серија „Озборувачка“.
4. Coco Noir – Chanel
Новиот парфем на „Chanel“ кој беше лансиран во август 2012 година, ја истражува магнетната длабочина и енигматичната елеганција на црната боја, со софистицирана миризба спакувана во впечатливо црно шише. Овој заводлив, динамичен парфем опфаќа горни ноти на грејпфрут и калабриски бергамот, со базични ноти на роза, јасмин, нарцис и листови од сардела.
5. Big Pony Collection – Ralph Lauren
По успехот на машката колекција во 2010 година, во април 2012 Ралф Лорен ја лансираше женската колекција „Big Pony“ која се состои од 4 различни парфеми. За 55$, секое од четирите различно обоени 50-милилитарски шишенца, содржи уникатна миризба. Синото е свежо со нота на грејпфрут, розовото со боровинка и други овошни ноти, жолтото е освежувачко со нота на круша и мимоза, додека виолетовото е со нота на цреша и ориентални цвеќиња.
6. Fabulous – Isaac Mizrahi
Во септември 2012 година, познатиот њујоршки моден дизајнер Ајзак Мизарахи го лансираше својот прв парфем во чест на неговата љубов кон жените и инспирацијата која тие му ја даваат. „Fabulous“ е опишан како сензуален и безвременски парфем кој ја буди атмосферата на Њујорк.
Самата композиција на парфемот е цветно-овошна, со интензивни горни ноти на бергамот, мандарина и нектарина кои ги будат сетилата. Средните ноти се женствени и вклучуваат тубероза, јасмин, фрезија и божур, додека основните ноти вклучуваат сандалово дрво, кедар и ванила. Дизајнот на шишето е инспириран од старите холивудски парфеми со пумпа, додека неговите момински розови нијанси му даваат на пакувањето шарм и современост.
7. Aqua Oriens – Van Cleef & Arpels
Се работи за лимитирано издание на оригиналниот „Oriens“, лансиран во 2010 година. Оваа верзија беше промовирана во април 2012 и истата се продава за 50$ за пакување од 50 мл. Парфемот има силни горни ноти на круша и лимон, следени од средни ноти на анамска рака и цвет од портокал. Базичните ноти кои вклучуваат мошус и килибар, го балансираат овошниот мирис со топла софистицираност.
8. Armani Code Luna – Giorgio Armani
Модната куќа „Аrmani“ во март 2012 ја лансираше новата интерпретација на оригиналниот „Armani Code“ од 2006 година. Месечината која е симбол на женственоста, мистицизмот, магнетизмот и сензуалноста, служеше како инспирација за новиот парфем. Името е исто така поврзано со новата состојка на оваа мирисна композиција. Магнетната моќ на месечината е претставена преку цвет кој цвета само навечер, познат како „Fleur de Lune“. Се работи за цитрусно-цветно-ориентална композиција на парфем.
9. Dot – Marc Jacobs
Овој парфем беше лансиран во јули 2012 година. „Dot“ повторно ги задоволува критериумите на Marc Jacobs, неодоливо слатко име, исто како и претходниците „Daisy“ (2007) и „Lola“ (2009) и подеднакво неодоливо пакување како што е шишенцето хибрид од буба мара и пеперутка, кое е толку интригантно што самата миризба на парфемот паѓа на второ место во мислите на купувачот.
Но покрај слаткото име и пакување, овој парфем има силен карактер. Горните ноти вклучуваат црвени боровинки и питаја, следени од средни ноти на јасмин и цвет од портокал, додека основните ноти вклучуваат кокосова вода, ванила, дрво и мошус.
Fame – Lady Gaga
Во 2012 година и Лејди Гага го издаде својот прв парфем. Овој парфем e уникатен по тоа што течноста е црна, но не остава траги бидејќи штом дојде во допир со воздух, таа станува проѕирна. Оваа технологија за првпат се применува токму за овој парфем. Шишето е дизајнирано од самата Гага во соработка со фотографот Ник Најт. Парфемот е мешавина на атропин, темјан, кајсија и тигреста орхидеја.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Cestito prva statija, da se mnozat! Odlicno napisano, plus moja tema 😀