Згодни и неодоливи: Како изгледа денот на најуспешните машки модели во Македонија? - Part 2

Згодни и неодоливи: Како изгледа денот на најуспешните машки модели во Македонија?

Димитар Амски

Згодни и неодоливи: Како изгледа денот на најуспешните машки модели во Македонија?

Матурантите сигурно го забележале овој русокос мангуп на билбордите што го красеа градот пред неколку месеци. Димитар Амски достојно го претстави стилскиот водич за матуранти на Bitsiani и им даде уникатни идеи за нивниот свечен изглед. Вистински светски патник со немирен дух, Димитар има навистина интересен начин на живот полн со патувања и необични хобија. Главни виновници за неговиот здрав и природен изглед се неговите навики и секојдневни ритуали.

„Се расонувам со овошје, една банана или јаболко и си го подготвувам моето омилено горко турско кафе. Омилена утринска вежба ми е да го прошетам кучето сабајле низ маало или доколку имам некои обврски во центарот на градот, практикувам да одам пешки. Автомобилот го користам само во случаи кога навистина морам да стигнам некаде за кратко време или кога се работи за подалечна дестинација“, ни откри Димитар.

Земете пример од Димитар и заборавете на автомобилот, барем во случаи кога не ви е неопходен. Ќе ви бидат благодарни и вашето тело, но и загадениот воздух во градот! Покрај тоа, Димитар советува дека најголем лек против нервозата и стресот е вежбањето јога.

„Попладне, кога ќе ги завршам сите обврски, одвојувам околу 2-3 часа за да ги балансирам умот, телото и духот преку јога. По завршувањето со вежбите, јас се чувствувам како воопшто да не сум имал никаков стресен ден. Толку многу ја сака јогата што би можел цел ден зборувам за неа!“, признава Димитар.

Сигурно повеќе пати досега сте чуле за придобивките од оваа физичка активност, па Димитар нека ве поттикне да се обидете да ги доживеете и самите. Сепак, јогата не е единствената страст на овој модел. Тој ни откри дека исто така ги обожава фудбалот и сите други колективни спортови што му го будат натпреварувачкиот дух.

Згодни и неодоливи: Како изгледа денот на најуспешните машки модели во Македонија?

Ако покрај сето ова, Димитар сѐ уште не успеа да ги придобие вашите симпатии, сигурно ќе ве освои кога ќе дознаете дека тој е еден од мажите кои сакаат да готват за себе, но и за други!

„Доколку имам прилика сам да си го зготвам оброкот или да готвам за некој друг, сигурно ќе се одлучам за некој ултра здрав оброк што ќе изобилува со салати, интегрални зрна и производи богати со протеини, како што се месо, јајца или јогурт и млеко“, објаснува Димитар.

Здравите навики што ги практикува Димитар не го спречуваат да ужива во слаткиот десерт, но сепак тој внимава да не претера и да не изеде 4 парчиња торта, иако без проблем би можел да го стори тоа. Понекогаш, мора да се воздржиме од вкусните задоволства за да си ја зачуваме фигурата, но и здравјето, се согласувате? А доколку сакате да го изненадите Димитар и да му подарите нешто за јадење, нема да погрешите ако се одлучите за црно чоколадо кое го обожава!

Димитар ни откри и дел од неговите необични навики што можеби на некои луѓе ќе им звучат смешно, но него многу му помогнале во борбата со сувата кожа.

„Не го мијам лицето наутро, особено не со ладна вода! Ниту косата ниту кожата не претпочитам да ги мијам секојдневно. Според мене, тоа не е здраво и убеден сум дека непријатната миризба потекнува од нездравата исхрана и секојдневното изложување на кожата на гелови за туширање и останати вештачки препарат кои си поигруваат со организмот и со неговиот природен начин на ослободување од токсините“, верува Димитар.

Можеби ова ќе ви делува малку чудно, но постојат многу експерти кои тврдат дека секојдневното туширање и миење на косата навистина можат да имаат негативни ефекти на здравјето. Секако дека конечната одлука останува на вас. Вие самите најдобро знаете што му треба на вашето тело и организам.

Згодни и неодоливи: Како изгледа денот на најуспешните машки модели во Македонија?

Покрај тоа, Димитар има совет и за сите момци кои сакаат да пуштат коса.

„По неколку обиди да ја пораснам косата, сфатив дека без разлика колкави мажи мислите дека сте, мора да користите регенератор и редовно да ја чешлате!“, советува Димитар.

Што се однесува до моделството, за Димитар тоа претставува хоби што му овозможува добра дружба и запознавање нови интересни луѓе на секоја нова сесија и ревија.

„Моето внатрешно ’јас’ го обожава тоа!“

Ништо не ве спречува да ги примените советите на Димитар и да се обидете да воспоставите внатрешна хармонија. Не заборавајте дека негата на духот е исто толку важна колку и негата на телото!

Елмедин Ајдари

Згодни и неодоливи: Како изгледа денот на најуспешните машки модели во Македонија?

Последниот црнокос убавец, Елмедин Ајдари, исто така ни ги откри тајните на неговиот беспрекорен изглед. Тој иако има само 22 години, многу сериозно ги сфаќа обврските на еден модел и напорно работи на својот успех. Елмедин секогаш се труди да изгледа свежо и позитивно, а во тоа најмногу му помагаат квалитетниот сон и здравиот појадок.

„Добриот сон е она што ме одржува и ми дава енергија. Поради тоа, вообичаено денот ми започнува околу 10 часот наутро. Како еден од поважните утрински ритуали би го издвоил квалитетниот и обилен појадок, кој пред сè се базира на протеини за да можам да го издржам понатамошниот дел од денот“, објаснува Елмедин.

Не постои сомнеж дека деновите на еден активен модел знаат да бидат многу напорни, особено ако се исполнети со фотосесии.

„Тие денови најчесто започнуваат околу пладне и траат цел ден. Фотографите кои работат на тие фотосесии постојано имаат некакви барања, ако се земе предвид сета таа облека што треба да се облече и пресоблече, а понекогаш се отежнати и условите во кои се работи. Може да се каже дека не е сè така лесно и едноставно како што изгледа од страна“, признава Елмедин.

Згодни и неодоливи: Како изгледа денот на најуспешните машки модели во Македонија?

Ако мислевте дека работата на моделите е лесна, размислете уште еднаш! Нивната професија е исполнета со постојани предизвици и различни карактери кои понекогаш знаат да бидат многу непријатни и тешки. Сепак, и моделите имаат слободно време, а Елмедин тогаш најмногу се посветува на вежбањето во теретана, каде што во зависност од денот, прави вежби за одреден дел од телото. Но, главниот виновник за неговиот изглед не е само вежбањето. Елмедин ни откри кои карактерни особини мора да ги поседува секој млад човек доколку сака да напредува во животот.

„Секој кој сака да постигне нешто мора да има одреден план и да се држи цврсто до него. Секако, потребно е да се има и многу посветеност , дисциплина и желба, за да се доведе телото во посакуваната форма. Јас сметам дека сум на добар пат кон тоа, иако секогаш може подобро.“

Последните зборови на овој инспиративен модел нека ви послужат како мотивација за да почнете да ги остварувате вашите соништа и да работите на најдобрата верзија од себе!

Продолжете на последната страница за да погледнете уште неколку фотографии од овие згодни модели…


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар