Здрава храна препорачлива за секој ден
Здравата, природна и урамнотежена исхрана е услов за добро здравје и виталност. Еве неколку видови храна кои ќе му бидат добредојдени на вашиот организам.
Зрнести плодови
Сите зрнести плодови, како јагоди, малини, капини, боровинки, се богати со хранливи влакна кои се многу важни за нормален и здрав дигестивен систем. Малините имаат најмногу хранливи влакна и се со анти-канцерогени својства, боровинките имаат дупло помалку влакна, но се богати со антоцијанини и антиоксиданси кои помагаат при подобрување на меморијата, а јагодите како овошки со најмало количество хранливи влакна од зрнестите плодови, се богати со витамин Ц, кој е добар за кожата. Тие исто така помагаат во намалувањето на телесната маса.
Јајца
Јајцето како извор на високо квалитетен протеин, може навистина да ви даде поголема моќ. Една неодамнешна студија покажала дека, луѓето кои за доручек јадат пржени јајца и тост, се чувствуваат позаситено и јадат помалку на ручек, отколку кога појадуваат ѓеврек (кој има отприлика сличен број на калории). Дури и кога внимавате на вашиот холестерол, едно јајце одлично би се вклопило во вашата дневна исхрана. Жолчката од јајцето содржи лутеин и зеаксантин – два антиоксиданси кои ги одржуваат очите здрави.
Истражувањата исто така ги поврзуваат лутеинот и зеаксантинот како фактори за намалување на ризикот од макуларна дегенерација, причина поради која ослепуваат голем број лица постари од 50 години. Лутеинот е добар и за заштита на кожата од УВ зраците.
Грав
Гравот е одличен извор на железо, минерал кој го пренесува кислородот од белите дробови до клетките низ нашето тело. Бидејќи телото не може да апсорбира исто количество железо преку растителната храна, како што може преку говедското или пилешкото месо, комбинирајте го гравот со храна богата со витамин Ц, за да го зголемите нивото на апсорпција на железо. Гравот е исто така богат со растителни влакна, кои помагаат за регулација на нивото на холестерол во крвта.
Јаткасти плодови
Јаткастите плодови се богати со незаситени масти кои се добри за срцето. Студиите на „Seventh-Day Adventists“ (религиозна вероисповед која придава големо значење на здраво живеење и вегетаријанска исхрана) покажуваат дека луѓето кои редовно консумираат јаткасти плодови, си го продолжуваат животот за отприлика 2 и пол години. Оревите се најверојатно во центарот на вниманието, поради нивното високо ниво на алфа-линоленска киселина која е добра за здравјето на срцето и која го подобрува расположението.
Портокали
Само еден голем портокал или пак чаша цеден сок е одличен извор на витамин Ц. Витаминот Ц е од суштинско значење за производство на бели крвни зрнца и антитела. Тој е исто така моќен антиоксиданс кој помага и ги штити клетките од радикална штета и игра клучна улога во производството на колаген за зацврстување на кожата. Портокалите се богати и со влакна и фолна киселина.
Сладок компир
Слатките компири се сјајно портокалови поради фактот што содржат алфа и бета каротен. Телото ги претвора овие соединенија во витамин А, кој помага при одржувањето на здравјето на очите и коските и подобрувањето на имунитетот. Еден среден сладок компир обезбедува речиси четири пати повеќе од препорачаната дневна вредност на витаминот А, плус неколку други витамини како Ц и Б6, калиум, манган, лутеин и зеаксантин, што го прави еден од најхранливите зеленчуци.
Брокула
Оваа зелена велесила претставува пакет од витамини Ц, А и К (кој им помага на коските), како и фолна киселина. Постои уште една причина поради која брокулата често се наоѓа на првото место на листата за здрава храна – таа обезбедува здрава доза на сулфорафан, еден вид на изотиоцијанат за кој се смета дека го спречува ракот, преку помагање во стимулирањето детоксификација на ензимите во организмот.
Чај
Истражувањата покажуваат дека доколку редовно пиете чај, го намалувате ризикот од Алцхајмерова болест, дијабетес и некои видови рак. Тој исто така ги подобрува забите и непцата и ги прави коските посилни. Чајот е богат со антиоксиданси наречен флавоноиди. Препорачливо е чајот да се пие топол и свежо сварен. Доколку сакате да го пиете ладен од фрижидер, во него додадете цеден лимон. Лимонската киселина и витаминот Ц ќе помогнат во зачувувањето на флавоноидите.
Спанаќ
Спанаќот е преполн со важни хранливи материи: витамини А, Ц и К, како и со растителни влакна, железо, калциум, калиум, магнезиум и витамин Е. Спанаќот е лесен, вкусен и добар извор на фолна киселина, витамин Б (растворлив во вода) кој помага за формирање на нови клетки, правејќи го особено важен за трудници.
Јогурт
Во 70-тите години на минатиот век, советската република Грузија имала повеќе жители со над 100 години, од која било друга земја. Извештаите од тоа време тврдат дека тајната на нивниот долг живот бил јогуртот, кој редовно се наоѓал на нивната трпеза. Јогуртот содржи „добри бактерии“ кои помагаат за одржување на здравјето на стомакот. Тој е исто така богат со калциум, кој помага во спречување на остеопорозата. Само 1 чаша јогурт обезбедува речиси половина од препорачаната дневна вредност на калциум, а богата е и со фосфор, калиум, цинк, рибофлавин, витамин Б12 и протеин.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.