Здрав рецепт за зимница без конзерванси
Наједноставниот и најпрактичен начин да се задржат витамините од свежиот зеленчук до следната пролет, со помош на природни конзерванси кои се добри за вашето здравје…
Потребни состојки:
- Краставици
- Зелен патлиџан
- Моркови
- Карфиол
- Келераба
- Кромид (помала главица)
- Ротквица
- Пиперки
- Зелка
Потребни зачини:
- Сол
- Шеќер
- Бибер во зрна
- Ловоров лист
- Оцет со 9% алкохол
Начин на подготовка:
Измијте го целиот зеленчук добро, исчистете го од темните делови и добро исушете го од водата. По потреба исечкајте. Во теглите наредете го зеленчукот густо, наизменично, а потоа сипете по една мала шолја оцет, лажичка сол, лажичка шеќер, неколку зрна бибер и еден ловоров лист.
Теглите наполнете ги до врв со ладна вода, добро затворете ги и наредете ги во големо тенџере така што ќе бидат потопени целосно во вода. Тенџерето ставете го на шпорет и оставете ја водата да врие, а потоа намалете го огнот и оставете ги тивко да се варат 10-тина минути. Потоа внимателно извадете ги теглите и со капаците насочени кон долу наместете ги во некој голем сад и прекријте ги со крпи. Оставете ги да се оладат на собна температура во текот на ноќта.
Зимницата припремена на овој начин е целосно конзервирана без никакви штетни додатоци, природна е и нема да се расипе со тек на време.