Заслужуваме некој за кој ќе бидеме целиот свет и ништо помалку

Заслужуваме некој за кој ќе бидеме целиот свет и ништо помалку

Ако научивме нешто од шпанските серии, покрај шпанскиот јазик секако, тоа е дека љубовта секогаш победува на крај. Двајцата главни ликови поминуваат низ сито и решето само за на крајот, после добри 250 епизоди плачење и карање, да завршат заедно и среќни до крајот на животот. Колку и реалноста да е различна од сериите, а ѐ прилично многу, сепак останува таа логика дека љубовта победува сѐ и сешто и дека никогаш не треба да се откажувате од неа.

(1)-zasluzhuvate-nekoj-za-koj-kje-bidete-celiot-svet-i-nishto-pomalku-kafepauza.mk

Доколку сте биле доволно среќни да бидете опкружени со луѓе кои ве сакаат и ви покажале што навистина е љубовта, тогаш знаете дека нема поубаво чувство на светот. Тие се подготвени да дадат и направат што и да е потребно за вас, а и вие би го направиле истото за нив и повеќе. Па, знаејќи како е да се чувствувате сакани и важни некому, дали би можеле да се согласите на нешто помалку од вистинска љубов и некој кој би дал сѐ за вас, кога би зборувале за романтична врска? Одговорот е дека животот е суров и не секогаш имаме можност да го направиме изборот кој го сакаме. За жал и без разлика дали ни се допаѓа тоа или не, љубовта сама по себе не е доволна. Па кога би можеле да изберете, изберете го оној на кој ќе му бидете сѐ.

(2)-zasluzhuvate-nekoj-za-koj-kje-bidete-celiot-svet-i-nishto-pomalku-kafepauza.mk

Животот е еден и немаме втора шанса да го живееме по прв пат. Знаејќи го ова, тежнееме кон што подобар живот и што повеќе насмеани лица во него. Покрај сите лоши работи кои се случуваат, сите мизерни нешта и луѓе околу нас, на сите ни е потребна онаа личност покрај која ќе се чувствуваме сигурни и заштитени. Некој кој знаеме дека е секогаш тука за нас, некој кој ќе дојде дури и ако забележи мала промена во тонот со кој зборуваме, а која му навестила дека можеби нешто не е во ред. Потребна ни е личност на која знаеме дека може да се потпреме кога ни е најтешко, која ќе биде нашиот најдобар пријател и најголем критичар со кој ќе можеме да споделуваме што и да ни лежи на срце и која ќе биде отворена и слободна да го направи истото, не плашејќи се да нè спушти на земја кога е тоа неопходно. Ова не е возможно ако сме со некој кому ќе му биде лесно да се сврти и да замине во секое време, некој кој не е подготвен да се бори за нас и нашата врска, па лесно се откажува. Зошто би се помириле да бидете со некој/а кој/а е таков/ва доколку можете да изберете поинаку?

Ако сме целосно искрени, тогаш реално е да признаеме дека секогаш имаме избор. Само не секогаш изборот кој го правиме ѐ или може да биде во согласност со сите наши желби и потреби. Совршен маж или жена не постојат и сите имаме свои доблести и недостатоци кои нè прават тие што сме. Постои една изрека која вели дека не треба да го избереме подобриот човек, туку оној кој нè прави подобра личност. Па колку треба да сме среќни ако и двете овие работи ги најдеме во истиот маж или жена? Знаејќи дека таква личност постои и нè обожава, не би ни можеле да се согласиме на ништо помалку. Ништо помалку од некој кој нè сака со цело срце и на кој секогаш ќе му бидеме прв и единствен избор, кој го гледа целиот свет во нас и ни дозволува да бидеме рамноправен дел од него. Сакаме и заслужуваме внимание, промисленост, спонтаност, некој кој е доволно искрен да признае кога ќе погреши и доволно зрел да ни прости кога ние сме тие што погрешиле.

(3)-zasluzhuvate-nekoj-za-koj-kje-bidete-celiot-svet-i-nishto-pomalku-kafepauza.mk

Заслужуваме да бидеме секојдневно потсетувани колку сме сакани и посебни некому, а една силна прегратка која за неколку секунди нè враќа во живот го прави тоа. Всушност, многу малку е потребно за да бидеме среќни и тоа никогаш не се материјалните нешта. Со други зборови, повеќе ќе ни значи грижливо избраниот цвет од неговата градина или подарокот за кој одвоила време самата да го направи отколку што било друго што може да се купи со пари.

Заслужуваме ден исполнет со насмевки бидејќи знаеме дека постои некој кој е тука да остане и ноќи исполнети со страст бидејќи сме со човек кој не може да замисли да ги одвои прстите од нашето тело.

Заслужуваме некој кој безусловно нè сака не сомневајќи се за миг дека и ние го чувствуваме истото, некој кој е подготвен да го помине остатокот од животот со нас и нашите будалаштини и кој ќе нè умре од зафркавање кога ќе направиме или кажеме некоја глупост. Во животот ни е потребно да имаме некој со кој ќе можеме да правиме секакви лудории и на кој нема да му биде срам од тоа бидејќи знае дека една од најважните работи во животот, ако сакаме да останеме нормални, е да се забавуваме.

(4)-zasluzhuvate-nekoj-za-koj-kje-bidete-celiot-svet-i-nishto-pomalku-kafepauza.mk

Најмногу од сѐ, заслужуваме некој кој ќе нè почитува и разбере. Човекот подготвен да ни даде поддршка во секое време и да не крене на нозе кога ние самите не го можеме тоа е човек кој ретко се наоѓа.

Заслужуваме некој кој ќе нè предизивикува да бидеме повеќе бидејќи знае дека го можеме тоа, па ќе ни ги отвори очите пошироко кога сме слепи да го видиме она што е пред нас.

Заслужуваме некој со кој ќе бидеме толку среќни, што таа позитивна енергија ќе се шири околу нас и кон сите луѓе во наша околина, па никому нема да му биде потребно да слушне колку се сакаме бидејќи јасно и гласно ќе може да го почуствува тоа.

Но она што е најважно е дека заслужуваме некој кој е свесен дека и тој го заслужува сето ова. Некој кој се цени себеси доволно за да прекине нешто кога тоа повеќе не е добро за него. Некој кој нема да се согласи на помалку од тоа што го дава, бидејќи врската е рамноправна заедница. Таа е заедно во секоја смисла на зборот бидејќи она што важи за едниот важи и за другиот и сѐ правиме заедно. Врските не се и не треба да бидат лесни бидејќи кога нешто оди како подмачкано, тогаш некаде нешто навистина не е во ред.

Па така, заслужуваме некој кој знае кој е и што е и кој ќе се обиде да го направи и невозможното за нас бидејќи знае дека и ние ќе го направиме тоа. Тој некој ќе стои исправено покрај нас кога заедно ќе поминуваме низ сето она што животот ни го приредил, цврсто држејќи нè за рака знаејќи дека ние само посилно ќе ја стегнеме неговата.

(5)-zasluzhuvate-nekoj-za-koj-kje-bidete-celiot-svet-i-nishto-pomalku-kafepauza.mk


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Дипломиран електроинженер по телекомуникации кој во слободно време обожава да пишува. Животен сон ѝ е да го прошета целиот свет уживајќи во добра книга и пријатно друштво. Настојува од секоја ситуација да го извлече најдоброто и не може да замисли денот да ѝ започне без шолја вкусно кафе.

Поврзани содржини

Остави коментар