Запознајте ја оваа австралиска модна блогерка со чиј стил целиот свет е опседнат
Како што во голема мера сме опседнати со лондонската улична мода, францускиот шик, како и со модните комбинации на девојките од Скандинавија, така отсекогаш сме сакале да погледнеме што се случува во Австралија. На овој простор се наоѓаат голем број модни блогерки, кои во чекор ги следат сите актуелности на светската модна сцена, а една од најинспиративните дами која сè почесто е застапена во медиумите е Кармен Хамилтон, од блогот Chronicles of Her.
Кармен Хамилтон без сомнеж е една од најпознатите австралиски модни блогерки. Родена е во Сиднеј, а својот блог го започнала во 2011 година во текот на своето студирање. Главната идеја била да создаде место на кое ќе го презентира својот личен стил. Како и многуте други модни дами, таа поминала доста време во пребарување популарни модни блогови, а како што вели, тие биле инспиративни, но не и доволно продуктивни. Тогаш решила да го лансира својот личен блог, и да заплови во светот на модата. Кармен признала дека влегла во блогувањето на крајно спонтан начин, без никаква стратегија која е обично потребна за успехот на блогот, односно и таа самата се восхитува поради фактот дека го создала Chronicles of Her, блог кој ѝ овозможил профитабилна работа. Благодарение на популарноста на нејзиниот блог, таа добила работа како соработник за австралискиот магазин Вог, каде што таа споделува разни модни совети.
Кармен навистина има едноставен моден стил, кој е вистинско олицетворение на минималистичкото, односно ја застапува теоријата „помалку е повеќе“. Лежерни и монохроматски, нејзините модни комбинации се истакнуваат со беспрекорни кроеви, богати ткаенини и текстури. Таа одлично се познава себеси, и дури кога со текот на времето се менуваат модните стилови, сигурни сме дека оваа дама ќе остане доследна и верна на себе.
Австралиската блогерки зрачи со едноставност и на сјаен начин ги спротивставува машките и женските модни стилови. Според Кармен, фустанот секогаш би требало да се носи со патики, за да се постигне рамнотежа помеѓу шик и кежуал изглед. Облека направена за живот!