Запишете ги вашите лични вредности и справете се со стресот
Повеќето успешни луѓе работат следејќи еден збир на основни вредности и тие секојдневно се водени од нив при донесувањето значајни одлуки. Имајќи ги предвид тие вредности, тие појасно и полесно се движат кон своите цели. Како човечки суштества, секој од вас има лични вредности кои го одразуваат вашиот карактер. Сепак, нивното поседување и овозможувањето тие да ве водат низ животот, се две сосема различни работи. Да ги разберете своите лични вредности е клучно за вашиот успех, среќа и внатрешен мир.
Запишете ги своите лични вредности
Првиот чекор за да живеете исполнет живот, е да ги запишете своите лични вредности. Што е она што прави да се чувствувате живи? Што ви дава најмногу енергија? Дали станува збор за семејството, љубовта, парите, кариерата, славата или нешто друго? Продолжете понатаму. Што е она што сакате да го постигнете во животот? Што вам ви е најважно? Откако ќе ги идентификувате, многу е важно да ги запишете, затоа што истражувањата покажуваат дека запишувањето на своите лични вредности ви дава голем број позитивни резултати, како на пример:
- Ќе добиете вистинска слика за она што сте и она што сакате да бидете. За да го добиете она што навистина го сакате, морате да бидете она што навистина сте.
- Ќе почнете подобро да управувате со вашето време и ќе правите подобри избори на што да се посветите.
- Кога ќе знаете што е она што е добро за вас, вие ќе имате повеќе страст за остварување на своите цели, а ќе имате и поголема мотивација.
- Вашите вредности се како ваш внатрешен часовник, затоа што ви даваат насоки за тоа кој пат да го изберете.
- Вашите вредности се вашите корени кои се втемелени во она што е важно за вас. Со тоа што ќе ги имате запишано, вие ќе се потсетувате да останете верни на она што навистина сте.
На кратко, откривањето, дефинирањето и запишувањето на вашите основни вредности, ќе ви помогне да се осигурите дека ги правите вистинските работи, на вистинскиот начин.
Гледањето во запишаните лични вредности ќе ви го намали стресот
Д-р Кели МекКонигал, професорка и авторка на книгата „Горната страна на стресот“, го проучувала влијанието што го има поврзаноста на личните вредности со здравјето, благосостојбата и справувањето со стресот. Според нејзиното истражување, постојат многу предности кои ги нуди запишувањето на личните вредности.
„На долг рок, пишувањето на вредностите покажа дека ги зголемува позитивните резултати, ги намалува посетите на доктор, го подобрува менталното здравје и помага со сѐ, од губење тежина, па до откажување од пушењето и намалувањето на пиење алкохол. Тоа им помага на луѓето да се соочат со дискриминацијата и да ги намалат сопствените попречувања. Во многу случаи, овие придобивки се резултат на еднократното делување на умот. Луѓето кои еднаш, во период од десет минути, ќе ги запишат своите вредности, ќе чувствуваат придобивки неколку месеци или години подоцна“, вели д-р Кели.
Таа смета дека пишувањето за тоа како настаните од денот се совпаѓаат со вашите лични вредности, може ментално и биолошки да ја подобри вашата способност за справување со стресот.
Усогласете ги вашите постапки и вредности
Кога вашите дела не се совпаѓаат со вашите вредности, вие можете да бидете помалку мотивирани во вашето секојдневие. Погледнете ги овие едноставни чекори кои ќе ви помогнат да ги усогласите вашите акции, активности и цели со вашите лични вредности.
Запишете:
- Изберете пет (или помалку) работи кои сметате дека вредат најмногу во вашиот живот и запишете ги.
- Дефинирајте што за вас значи секоја од тие вредности.
- Помислете на денот (или неделата). Што е она што ви се случило? Кога се чувствувавте под стрес? Зошто?
- Изберете една или две добри работи и една или две стресни ситуации и одредете како тие се поврзуваат со најмалку една од вашите основни вредности.
- Изберете една или две лични вредности и забележете нешто што можете да го направите наредниот ден (или во текот на наредната недела), што позитивно ќе се одрази на вас.
Самопроценка:
- Како што минува времето, забележете колку пати намерно сте се вклучиле во активности кои позитивно се одразувале на вас.
- Проценете го вашето ниво на стрес. Дали се чувствувате повеќе или помалку под стрес откако започнавте со оваа вежба? Каква е вашата мотивација?
- Оценете ја вашата физичка благосостојба. Какви промени имате забележано кај себе? Повеќе или помалку главоболки, болки во вратот, грбот и слично?
- Планирајте ги вашите наредни чекори. Што можете да направите за да го зачувате овој момент?
Најважното нешто што можете да го направите за вашиот личен успех не е само да ги знаете вашите основни лични вредности, туку и да ги примените во вашето живеење и да им овозможите да станат дел од вашето секојдневие. Запишете ги и видите што сѐ поседувате, па со нивна помош ќе си обезбедите посреќен и поисполнет живот.