Заглавени во моментот: Како да се одглавиме и да тргнеме напред?

Заглавени во моментот: Како да се одглавиме и да тргнеме напред?

Автор: Калин Бабушку

Секојдневно слушам како се жалиме дека економијата не ни била добра, примањата не ни се добри, патиштата не ни се добри, дека на работа не ни е добро, дека колегите не нè сакаат, дека менаџерите нè тормозат итн., итн.

zaglaveni-vo-momentot-kako-da-se-odglavime-i-da-trgneme-napred-kafepauza.mk

Сакале ние да признаеме или не, заглавени сме во моментот. Да биде уште пострашно, не сакаме да се одглавиме. Доаѓаат странци и само прашуваат: Добро, зошто е ова вака? А ние само се правдаме дека е поради ова или поради она…, но никако да кажеме дека зависи од секој од нас индивидуално. Од секој од нас зависи дали ќе одиме напред или ќе си останеме тука и ќе обвинуваме некој друг за оваа ситуација (која и да е таа) и ќе си продолжиме да се жалиме за сè и сешто.

Еве неколку идеи како да излеземе од оваа ситуација:

Едукација – ДЕНЕС ЕДУКАЦИЈАТА Е ПОПРИСТАПНА ОД КОГА БИЛО ДОСЕГА ВО ВАШИОТ ЖИВОТ. Само треба да сакате да се едуцирате затоа што сѐ што треба е на интернет и да напишете што ве интересира и ќе дознаете многу работи. Со едукација ќе добиете нови видици, нови знаења, нови предизвици.

Самосвесност – Прво да си признаете дека сте заглавени во моментот и дека никако не можете да се одглавите. Тоа ќе го сознаете откако ќе увидите дека само кукате, а ништо не правите да се промени сето тоа. Едноставно нели, само треба да сте свесни?

Заборавете на минатото – Најголема пречка ни предизвикува минатото и „убавиот“ живот којшто тогаш сме го имале. Е, па минатото е минато и затоа треба да го заборавиме.

Преземете ризик – Никој од нас не сака да презема ризик, па затоа и сме во овој момент. Излезете од сигурната зона. Почнете со мали ризици и пополека зголемувајте ги. Размислете што ве радува или што ве прави среќни и направете го тоа.

Инвестирајте во себе – Најчеста причина што сме заглавени е тоа што многу малку инвестираме во себе. Почнете да живеете друг живот. Друг начин на хранење. Друг стил на облекување. Друг начин на размислување. Друг начин на гледање на работите…

Споредување – Обично знаеме да се споредуваме со другите, па ако веќе го правите тоа, правете го со некои кои, според вас, се успешни и сакате да бидете како нив. Но, немојте тоа да ви биде императив во животот, па ако не успеете, повторно да се разочарате.

Лидер без титула – Има еден интересен концепт на „бидете најдобри во она што го правите…“ Бидете лидер сами на себе, а не за другите… со тоа што ќе бидете лидер сами за себе, ќе видите дека тоа ќе влијае и на другите (тоа е несомнено).

Новитети – Секој ден правете нешто ново. Добро, немојте веднаш да започнете и секој ден, но барем еднаш на две недели. Сменете ја рутата по која одите дома или на работа или каде било. Воведете какви било новитети во вашиот живот, во вашата работа. Сменете ги рутините и работите што ги правите рутински.

Како што може да видите има мал милион работи коишто може да ги направите и пополека да се одглавите од моментот во кој сте заглавени. Ако вие се одглавите од овој момент, не сте ни свесни колку сè луѓе ќе повлечете со вас… тргнете само од тие што се околу вас во моментов додека го читате ова!

Петар Лазаров и Калин Бабушку, основачи на Македонија Експорт, се автори на прирачникот Tip of the week кој изобилува со совети за личен и професионален развој. Повеќе информации ќе најдете на нивната страница на Фејсбук.

 


Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Читај на раат!

Поврзани содржини

Остави коментар