Заборавете на пеглањето со помош на овие 5 паметни методи
На листата на сите домашни работи кои ги мразиме, пеглањето на облеката се наоѓа некаде помеѓу миењето садови и чистењето на тоалетот. Значи, при врвот на домашните обврски. На крајот од краиштата, целиот тој процес започнувајќи од поставувањето на даската за пеглање, чекањето да се загрее пеглата и досадното преминување со неа по облеката повторно и повторно е вистинско трошење на време и нерви.
Но, што доколку ви кажеме дека постојат побрзи, алтернативни начини кои се подеднакво ефективни како и пеглањето со пегла? Пронајдовме 5 паметни методи кои ќе ви помогнат да ги отстраните наборите од облеката и тоа без пегла!
1. Израмнување на облеката со влажен пешкир
Можете да го испробате овој едноставен трик дури и кога не сте дома. За најдобри резултати, поставете ја вашата истуткана облека на рамна површина и одозгора ставете влажен пешкир или крпа. Лесно притиснете и израмнете го истутканото подрачје. Почекајте да се исуши и готово!
2. Фенот за коса не е наменет само за коса
Оваа метода е многу едноставна и се постигнува во три чекори: закачете ја вашата истуткана облека, напрскајте ја со вода, а потоа оддалечете се неколку сантиметри и сушете ја со фен додека наборите не исчезнат.
3. Методот во бањата
Оваа метода трае малку подолго, но е најпопуларна и најефективна алтернатива за пеглањето. Прво, затворете ги прозорите и вратата во бањата за да не циркулира воздухот, а потоа земете ја вашата истуткана облека и закачете ја некаде во близина на тушот или кадата (внимавајте водата да не може да допре до алиштата). Потоа истуширајте се или избањајте се како и обично. За тоа време, пареата која ќе се создаде од врелата вода ќе го опушти материјалот и сите набори на вашата облека ќе исчезнат.
4. Користете воден спреј
Закачете ги истутканите предмети на отворено подрачје. Застанете 30 сантиметри подалеку и лесно напрскајте ја облеката со најобичен воден спреј. Наборите ќе исчезнуваат како што облеката ќе се суши.
5. Испеглајте ја облеката со чајник
Концептот зад трикот со чајникот е сличен како оној во бањата, но ефективен е за помали, лесни набори. Загрејте ја водата во чајникот до температура на вриење и држете го истутканиот дел од вашата облека отприлика на триесеттина сантиметри над него додека сите набори не исчезнат.