За животот по дипломирањето
Честитки! Дипломиравте! И, што сега? Нормално е да чувствувате страв и возбуда, но време е да се подготвите за вистинскиот живот. Еве неколку начини на кои постепено ќе можете да се навикнувате на она што допрва ве чека.
Заборавете на сѐ што знаете
Некои од информациите што сте ги читале во книгите се секако корисни, а часовите по пишување сигурно ви помогнале во градење на практични вештини, но, сите други навики, па и самиот дотогашен стил на живот, може лесно да бидат заменети со нешто сосема ново и непознато. Со други зборови, светот во кој влегувате по завршувањето на факултетот е сосема поинаков и многу посуров. Веќе нема конкретни упатства од учебник за полесно снаоѓање. Едноставно, одите напред и се трудите што побргу да се адаптирате на пазарот на трудот. Едно сосема ново патување, кое бара да го одберете вистинскиот пат што најдобро ќе функционира за вас.
Не брзајте веднаш да се вработите
Многумина би биле пресреќни ако веднаш по дипломирањето се вработат. Но, не е баш така розово. Впрочем, постојат три опции: сфаќате дека работата не е за вас и давате отказ; трошите бесценето време кое би го минале правејќи нешто друго или сепак сте пресреќни што уште веднаш сте на работната позиција која отсекогаш сте ја посакувале. Што и да е, треба да запомните дека не може уште веднаш да ги исполните највисоките цели и соништа, но и да внимавате дека почетоците имаат големо влијание врз следната посакувана дестинација. Ако работата не е толку добра, а сепак сметате дека би ви отворила многу врати во иднина, тогаш најдобро би било да ја прифатите.
Издвојте време за себе и своите мисли
Време е да се запознаете со светот онаков каков што навистина е. За време на студиите сигурно се чувствувавте некако заштитено и точно знаевте кои се вашите должности. Но, соочувањето со она што следи по дипломирањето може да биде малку стресно, напорно и неудобно. Стравот е природна реакција, но треба да издвоите време за себе, своите мисли и да се потрудите да разберете како функционира светот во кој живеете. Што побргу, толку подобро. Треба да научите како најдобро да соработувате со светот, сѐ додека не станете способни самите да го смените.
Одлучете се што сакате да промените
Може да живеете за себе или за другите, или по малку од двете. Од филозофски аспект, целта на животот не е да живеете себично и затворено. Не сте сами на светот и треба да се грижите и за останатите. Доколку успеете да создадете промена за себе и за другите во светот, тогаш навистина ќе останете запаметени и ќе уживате во исполнет и среќен живот.
Едноставно, живејте!
Потрудете се да не влезете во досадна рутина. Не дозволувајте деновите да ви се лизгаат низ рака, без тоа воопшто и да го забележувате. Не трошете го времето залудно. Правете го она што вас ве чини среќни. Не чекајте да дојде утре за нешто да промените бидејќи некои со децении го чекаат доаѓањето на тој ден. Сѐ што имаме е време. Па, зошто да не го минеме најдобро што можеме?
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.