За совршени локни без многу труд: Нова техника за виткање на косата со преса
Ако имате права коса, најверојатно нејзиното монотоно издание веќе ви станало досадно. Сакате на некој начин да ја оживеете, но трајното виткање на косата не доаѓа во предвид? Тогаш, зошто не би го испробале виткањето со помош на преса за коса? Тоа е брзо, лесно, а резултатите инстантно видливи.
Постојат повеќе начини за виткање на косата со помош на преса. Можеби веќе ја испробавте популарната техника која подразбира земање помал прамен, а потоа виткање на истиот околу косата, завршувајќи со нежно пеглање надолу. На овој начин добивате раскошни локни и коса полна со волумен. Со помош на малку лак за коса, вашата фризура ќе трае долго време.
Сепак, ако не сакате вакви класични локни кои наликуваат на оние што се прават со фигаро, туку нешто поблаго и поскладно, тогаш испробајте ја новата „S“ техника на виткање. Оваа техника е полесна и бара помалку време. Исто така, не е исклучено и тоа дека помалку ѝ штети на самата коса, бидејќи не вклучува класично пеглање.
Што треба да направите? Убаво исчешлајте ја косата и поделете ја на неколку делови. Прамен по прамен, повторно исчешлајте го секој од нив и свиткајте го на страна, така што ќе ја формирате буквата S. Со помош на загреана преса за коса нежно поминете преку прамените, притоа држејќи ги и понатаму во истата форма. Постапката повторувајте ја сè додека не го извиткате целиот прамен до крај. Потоа преминете на остатокот од косата.
Со виткањето на косата на овој начин, нема да добиете големи и елегантни локни, туку симпатични, благи бранови кои изгледаат природно и младешки. Оваа фризура можете да ја правите за секакви прилики, а најдобра е за дневни варијанти. Станува збор за една мала ситница која ќе ја направи вашата коса поразлична и пожива. Бидејќи нема да ви одземе многу време, секогаш кога немате идеја што да направите со вашата коса, испробајте ги „S“ брановите!
Погледнете го видеото за подетални инструкции и добијте совршена, а најверојатно и нова омилена фризура.