За што се каат најмногу луѓето кои се на смртна постела?

За што се каат најмногу луѓето кои се на смртна постела?

Сите луѓе се каат поради нешто што направиле или не успеале да направат. Но, за што се каат најмногу лицата кои се на смртна постела? Истражувањата покажале дека луѓето најмногу жалат за следново: „Посакувам да ја имав храброста за да живеам доследно на себеси, а не да живеам според очекувањата на другите.“ Зошто ова е најчестата работа за која луѓето жалат? Што можете да направите за да не завршите на истиот начин?

За што се каат најмногу луѓето кои се на смртна постела?

Како да бидете храбри и да не се покаете поради тоа што не сте живееле на свој начин?

Сигурно имате моќ да донесувате одлуки во вашиот секојдневен живот. Веројатно никој не ви наредува што да правите. И покрај тоа, многумина од нас посакуваат да живеат подоследно на себе. Дали сте имале период во кој не ви се случувало апсолутно ништо? Тоа е најчесто така затоа што не сте си поставиле јасна цел. Работите без да дефинирате што треба да сработите или се надевате на промена без да размислите што точно треба да преземате за да дојдете до таа промена. Со други зборови, не знаете што ви е важно во животот и што сакате да правите.

Ако не одредите што е она што ви значи во животот, ќе го правите она што се очекува од вас. Кога немате јасна цел што ве движи напред, автоматски почнувате да го правите она што е општествено прифатено. Не сме сигурни што навистина сакаме, па затоа го правиме она што мислиме дека другите луѓе го посакуваат. Сивите зони во животот се појавуваат кога не сме одлучиле во што веруваме.

Сите се наоѓаме во оваа ситуација одвреме-навреме. И тоа е една од главните причини зошто многу луѓе почнуваат да живеат според туѓите очекувања, а не според сопствените убедувања. Доколку сакате да ја пронајдете смислата на вашето постоење можете да се обидете со методот наречен „право во целта“ (Bullseye Method).

Како функционира овој метод?

„Вештиот стрелец прво треба ја познава метата кон која цели, потоа ја поставува раката, лакот, стрелата и го прави соодветното движење. Нашите насоки скршнуваат, бидејќи не се правилно одредени и немаат определен завршеток. Ниту еден ветер нема да му помогне на човекот ако нема испланирано кон кое пристаниште плови.“ – Мишел де Монтењ

Овој цитат укажува на тоа дека ако не знаете каде е вашата цел, не можете да стрелате и да очекувате дека ќе ја погодите метата. Сепак, честопати живееме токму на овој начин. Се будиме и се соочуваме со светот секој ден, стреламе, но сконцентрирани сме на сѐ, освен на метата.

На пример, ако сакате да имате добро тело, тогаш целта е да станете личност која никогаш не пропушта тренинг. Но, сепак повеќето од нас трошат време во барање посилен лак (програма за вежбање) или подобра стрела (диета). Овие работи се важни, но ниту една од нив нема да ви помогне доколку не стрелате во вистинската насока.

За што се каат најмногу луѓето кои се на смртна постела?

Овој метод ги игнорира работите на кои обично се фокусираме како што се тактиките, изворите и алатките. Наместо тоа, се фокусира на идентитетот и местоположбата на целта. Нѐ принудува да станеме свесни за тоа што навистина го сакаме во животот.

Со други зборови, треба да заборавите како сакате да изведете нешто или како сакате да изгледате. Целта не е да ослабите 5 килограми или да основате успешен бизнис. Целта е да живеете живот кој ќе ве одведе до она што го посакувате. Целта е да ја пронајдете вистинската насока и точно да определите што треба да преземете за да стигнете дотаму.

Каква личност сакате да станете? За кои вредности сакате да се залагате? Што треба да преземете за да ги смените вашите навики? За да можете да живеете онака како што сакате, треба да се организирате. Каде се наоѓа вашата цел?

Каков живот посакувате?

Ништо не е поважно од тоа да знаете каде е вашата цел. Ако знаете кон што целите, тогаш ќе знаете и како да го постигнете. Немате лак и стрела? Фрлајте камења кон целта! Трчајте кон неа и мавнете ја со тупаница! Купете пиштол. Постојат милион патишта кои ќе ве одведат до крајната дестинација, но само една единствена цел.

Честопати стреламе во некоја општа насока, наместо да размислиме како треба да живееме за да ја постигнеме крајната цел. Престанете да стрелате додека не откриете што треба да погодите.

Не е лесно, но ако одвоите малку време за да откриете каде сте и каде би сакале да одите, застрашувачките чекори ќе ви делуваат едноставни. Најважно е да си поставите јасна цел.

Прочитајте ги и 6-те работи поради кои секоја жена жали на крајот од животот.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар