За погрешните избори...

За погрешните избори…

Сте се запрашале некогаш што е тоа што би си го рекле самите на себе доколку можевте да патувате низ времето? Еве на пример јас, на 3-годишната верзија од себе би ù препорачала да не ја остава куклата надвор. Куклата Мартин, всушност беше играчка бебе, и кога го украдоа тоа ми беше најголем проблем во животот, мојата непреболена загуба… ми го украдоа Мартин! Единствениот припадник на погрубиот пол чија загуба заслужи солзи. Беше речиси како вистинско бебе, плачеше, се смееше, ги затвораше очињата кога ќе го легнев. Се грижев за него, чудно но вистинито, мајчинскиот инстинкт кај девојчињата се развива од толку мала возраст. Момчињата најчесто им ги кинат главите на куклите… фала ти Господе што созреваат макар малку… бавно и тешко, некои порано други подоцна, ама созреваат (колку да се рече)!

Како и да е, да можам да се навратам во минатото, 3-годишната верзија од себеси би ја поштедила од толку многу солзи. Но тогаш како ќе знаев на моите 4 години да не ги оставам играчките надвор? Човек требало да згреши за да научи. Тогаш тоа ми изгледаше како огромен проблем, неразјаснета мистерија, исто како x+5=13 во второ одделение. Претпоставувам и нашите денешни проблеми ќе звучат смешно за одреден временски период.За погрешните избори...Но, не е во ред да ги знаеме одговорите и решенијата на нашите проблеми однапред. Терминот „да се живее“ подразбира среќа, убави моменти, загуби, насмевки, непроспиени ноќи, работи кои едноставно не се фер… Но поминуваме низ сето тоа, учиме, созреваме, се изградуваме како личности, грешиме, но имаме можност да ги поправиме грешките или барем да не ги повториме.

Сте си рекле ли самите во себе „Пред точно една година ја направив најголемата грешка во мојот живот“? Во ред е, сега имате моќ да не ја повторите, во предност сте за едно искуство повеќе. Не можете да се спасите себеси од грешките, од правењето погрешен избор, тргнувањето по погрешен пат. Она што може да го направите е да извлечете најголема поука и искуство. Бидете благодарни за вашите грешки, сега знаете како да постапите ако пак ви излезат на пат. Такви или слични на нив. Погрешни избори или луѓе. Сега знаете и тоа е најбитно.

Проблемот е што знаеме и да ги повториме, е тоа веќе не е грешка, тоа е наш сопствен избор и никој не ни е крив. Што е тоа што нè прави да си водиме инает самите со себе, што ни ги затвора очите, што нè тера да го направиме нештото иако е погрешно? Младоста, лудоста, скриените надежи дека можеби овој пат нема да биде така? Ќе биде, ќе се повтори и го знаеме тоа, а сепак не се откажуваме од намерата.

Сега би сакала добро да размислите и да се сетите на некоја грешка од минатото, на нешто за што кога би имале моќ да се вратите во времето би се советувале себеси да не го направите. Што е тоа? Каква поука сте извлекле? Попаметни ли сте сега од тогаш?

Јас знам дека сум благодарна до немајкаде што извлеков поука од едно нешто. Се надевам  дека меѓу вас има такви кои ќе се препознаат во оваа ситуација. Добро е, научивме, не ќе ни се повтори.

Со нашето утринско или попладневно кафе, за кого како, наздравуваме за нашите погрешни избори и за поуките кои сме ги извлекле од истите.

До следното читање,

Вашата Ели.



Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Слободното време го минува со голема шолја кафе и со добра книга во рака или пишувајќи го она што ѝ лежи на душата. Не може да поднесе неправда и негува емпатија кон луѓето. Како перфекционист опседнат да даде сè од себе, сонува да направи промена во светот околу неа. Креативна и желна за нови предизвици, со многу нови соништа секој ден, иако понекогаш плашлива од промена. По малку романтична со голема љубов кон англиските книжевни класици.

Поврзани содржини

  1. Алисија К. Reply

    Солиден текст. Можеби причината поради која ги повторуваме грешките е нашиот страв од промена. 🙂

Остави коментар