За ќерката која премногу рано го изгубила својот татко: Дозволи си да пронајдеш мир
Татковците имаат посебна врска со нивните ќерки. За девојчињата, таткото е првиот маж кој тие го засакуваат. Првиот маж кој секогаш е до нив да ги дофати кога ќе почнат да паѓаат и да им биде поддршка. Таткото е првиот маж кој ќе им ги избрише солзите кога тие се исплашени или повредени, првиот маж кој ќе им каже колку се убави и посебни. Загубата на таткото е голем удар за секого, но особено за ќерките.
По смртта на таткото, вие ќе се соочите со болка каква што не сте ни замислувале дека можете да издржите. Вашите солзи ќе ве задушуваат, главата ќе ви отежнува и ќе чувствувате дека не можете да земете здив. Ќе плачете со денови и со ноќи, а болката која ќе ја чувствувате внатре нема да ви дозволи да спиете во текот на ноќта, па ќе посегнувате по стари фотографии и видеа, само за да можете да го слушнете неговиот глас и да ја видите неговата насмевка. Еден ден, додека шетате низ улица ќе видите некој што наликува на вашиот татко, па за секунда ќе престане да ви чука вашето срце, додека не сфатите дека него повеќе го нема, па повторно ќе ја извадите на површина сета онаа болка што ја чувствувате.
Ќе постојат моменти кога ќе посегнете и по вашиот телефон за да му се јавите, но веднаш ќе исклучите, знаејќи дека тој никогаш повторно нема да ви одговори. За да го почувствувате „неговото присуство“, ќе почнете да ги посетувате местата каде што сте оделе заедно, да ја слушате неговата омилена музика, дури и да ставате од неговиот парфем. Но, тоа нема да ви помогне, туку само ќе ја оживее болката и ќе го молите Бог да ви го врати вашиот татко покрај вас. Луѓето ќе се обидуваат да ве утешат со „вистинските“ зборови, но тие за жал не постојат. Во такви моменти ќе дознаете дека некои луѓе кои мислевте дека ви се пријатели, ќе ви кажат некои работи кои ќе направат да ја изгубите довербата во нив. Затоа, бидете внимателни кому ќе го отворите вашето срце, особено во првите месеци кога сте најмногу ранливи. Сите утешни зборови звучат добро, но не треба да се залажувате. Никој и никогаш нема да го замени вашиот татко. Тагата постојано ќе ви доаѓа.
Можеби ќе заборавите на тоа кога ќе излезете да прошетате надвор, но по неколку часа, откако ќе се вратите, тагата повторно ќе се разгори. Понекогаш ќе посакувате да сте мртви, не затоа што го мразите животот, туку затоа што повторно сакате да го видите вашиот татко. Ќе ги оттргнувате луѓето од себе, иако ги сакате многу. Одвојте време за да бидете сами, ако сметате дека тоа ви е потребно, но не исчезнувајте сосема. Некој сепак ве сака и се грижи за вас. Ќе постојат денови кога нема да сакате да станете од креветот, ниту пак да се насмевнете. Тоа е со сосема во ред. Никој не може да ви каже како треба да се чувствувате или како да се справите со вашата тага.
Еден од најтешките делови ќе биде поминувањето на празниците и родендените без присуството на вашиот татко. Ќе доживеете „среќни“ моменти, кои речиси не можат да поминат без солзи, затоа што тој би требало да биде таму. Ако некогаш го пронајдете човекот од вашите соништа, тој нема да биде до вас да ве придружува, ниту пак да ги држи вашите деца во раце, ниту пак да ви даде родителски совети кога ќе ви се најпотребни. Недостасувањето на вашиот татко е нешто што ќе го чувствувате секој миг, секој ден, дури и кога ќе биете среќни. Дури и кога животот ќе ви понуди многу прекрасни работи, вие ќе се натажите и ќе посакате тој да биде до вас. Тешко е да продолжите со животот кога вашиот најголем пријател и најголема поддршка, повеќе не е со вас. Но, запаметете дека вие го носите него во вашите вени.
Дозволете си себеси да бидете преплавени од емоциите и да си споменете дека го сакате. Пронајдете си мир и запаметете дека тој кон вас имал чиста и бескрајна љубов. Примете ја таа љубов која тој ви ја подарил и споделете ја со другите. Направете ја неговата љубов ваше наследство.