Едноставни модни комбинации инспирирани од Дизни принцезите
Никогаш нема да ни досадат цртаните од Дизни, се согласувате? Не само што ни го разубавуваат секојдневието (а, дефинитивно го разубавија и нашето детство), туку можат да ни послужат и како модна инспирација. Која е вашата омилена Дизни принцеза? Дали некогаш сте размислиле за тоа дека можете многу лесно да го „копирате“ нивниот стил во секојдневни прилики? Доколку не сте се сетиле на ова, тогаш погледнете ги следниве неколку интересни идеи.
1. Пепелашка
Иако можеби првата асоцијација за принцеза ви е розовата боја, сепак Пепелашка е тотална спротивност и нејзиниот заштитен знак е нежната, сина боја. Па, ако сакате да ја „копирате“ токму неа, тогаш започнете од дневните парчиња во следниве нијанси: Светло сина, бела, светло сива и сива која влече накај сребрено. Токму ова се боите кои би требало да ги воведете во вашите секојдневни модни комбинации. Ова всушност и не е толку тешко, бидејќи станува збор за нијанса која многу лесно ќе ја пронајдете во бутиците, во секој облик, односно на секое дневно парче. Исто така, станува збор за боја кој е одлична за лежерни, но и елегантни прилики.
2. Ариел
За разлика од Пепелашка, која е нежна и блага, Ариел важи за многу потемпераментна и повпечатлива принцеза. Затоа, ако се одлучите таа да биде вашиот моден пример, тогаш избирајте силни бои како што се виолетовата и зелената. Тие сјајно ќе изгледаат една покрај друга, а токму со ваквата комбинација ќе постигнете ефективен, неодолив изглед во сите прилики. Бидете смели и издвојте се од останатите со една ваква модна комбинација.
3. Аурора
На листата следува една „розова“ принцеза. Ако сакате женствен и романтичен изглед како на Аурора, сѐ што ви е потребно е розов фустан или кое било друго розово парче облека, кое ќе биде нежно и женствено. Заедно со него, додајте романтични детали како што се цветови, чипка или тул, можеби и некој златен аксесоар и за миг ќе заблескате како вистинска принцеза. Лесно и едноставно, зар не?
4. Снежана
Уште една Дизниева принцеза чиј стил е впечатлив и ефективен, а толку лесен за „копирање“. Сѐ што ви е потребно е жолта, сина и црвена боја и тоа во посилните нијанси, кои можете да ги комбинирате на најразлични начини. Не заборавајте како детаљ да искористите панделка која Снежана ја носи во косата и тоа баш во црвена боја. Помалку „откачено“, но секако оригинално и впечатливо. Освен тоа, овие бои се совршен избор за преубави летни модни комбинации.