Водич за здрава, еластична и блескава коса: Помалку познати грешки кои треба да ги избегнувате
Повеќето жени трошат илјадници денари, купувајќи различни козметички продукти за коса, а воедно затвораат очи пред основните правила за нега, кои мораат да ги почитуваат за да имаат здрава коса. Дами, време е да се освестиме дека скапите шампони и балсами, едноставно не се доволни! Убавината е сочинета од многу нешта, но доколку вашата коса не е добро негувана и нема здрав изглед, вашата целокупна слика и атрактивност ќе бидат намалени.
Затоа денес, решивме да ви заштедиме дел од вашата месечна плата „фрлена“ на скапи козметички продукти, да ви помогнеме да ги избегнете најчестите грешки кои (најверојатно) ги правите додека ја одржувате вашата коса и да ви помогнеме да ја имате косата од вашите соништа.
Грешка бр. 1: Неправилно го нанесувате шампонот
Пред да ја миете косата, треба темелно да ја исчешлате. Сипете шампон во големина на орев на вашите дланки и протријте ги за да направите пена. Потоа нанесете го на коренот од вашата коса. Со помош на масажерски движења, осигурете се дека го допирате скалпот само со мекиот дел од врвовите на вашите прсти (а не со ноктите, за да не предизвикате гребаници).
Продолжете со масажата, сè додека не се исплакнете – овие движења имаат значајни придобивки за здравјето на коренот на вашата коса. Исто така, внимавајте да не користите премногу шампон. Количеството на шампон зависи од должината на вашата коса. Почнете со помалку, за да можете да одредите колку ви е доволно.
Грешка бр. 2: Ја миете косата со жешка вода
Треба да избегнувате да користите екстремно жешка вода додека ја миете вашата коса, бидејќи таа ја суши и ја прави чкрипава и кршлива. Воедно, доколку ја бојадисувате косата, топлата вода ќе ја избледи бојата. Наместо тоа, користете млака или студена вода, која нема да го пренагласи лачењето на природни масла, како што тоа го прави топлата вода, а воедно и ќе ја подобрите циркулацијата на коренот на влакната и ќе ја отстраните нечистотијата од косата. Во најмала рака, пуштете ја водата на студено на крајот од капењето и овозможете си да имате мазна, мека, еластична и блескава коса.
Грешка бр. 3: Ја миете косата пречесто или преретко
Препорачаниот интервал од едно до друго миење на косата зависи од неколку индивидуални фактори, како што се типот на вашата коса и квалитетот на водата којашто ја користите за миење. Доколку имате мрсна коса, се препорачува да ја миете на секои 1-2 дена, а доколку имате нормална или сува коса, не треба да ја миете почесто од 3-4 пати неделно. Некои жени, се убедени дека единствениот начин да ја одржат нивната коса сјајна и убава, е да ја мијат секојдневно со шампон. Во реалноста, олку честата употреба на шампон, ќе доведе до губење на природните есенцијални масла, кои се од витално значење за одржување на хидратацијата на косата. Како резултат на тоа, косата станува прекумерно сува.
Употреба на регенератор: Додека се шампонирате или веднаш после измивањето на шампонот, нанесете и квалитетен регенератор за коса. Редовната употреба на добар регенератор (при секое миење на косата) игра клучна улога за обновување на липидите и протеините во коренот на косата, истовремено овозможувајќи ефект на навлажнување и „запечатување“ на распуканите врвови. Регенераторите, исто така, го забрзуваат растот на косата и го зголемуваат нејзиниот волумен и сјај. Што се однесува до маските, гледајте да користите на природна база и употребувајте ги не повеќе од еднаш неделно.
Грешка бр. 4: Прекумерно ја чешлате косата
Друга популарна заблуда е дека честото четкање на косата е добро за нејзиното здравје. Секако, процесот на четкање ја стимулира кожата на главата, ги ослободува природните масла и им овозможува да се распространат по целата должина на вашата коса. Но, треба да внимавате да не го правите тоа прекумерно, особено додека вашата коса е сè уште мокра од миење, бидејќи тоа може да доведе до губење на многу влакна, нивно растегнување и кинење. Почекајте вашата коса прво да се исуши и потоа внимателно, со прстите, одвојте ја на прамени. Земете чешел со крупни запци и започнете да ја чешлате од врвовите, постепено движејќи се кон коренот. Една сесија чешлање не треба да трае подолго од 5-10 минути.
Бонус совет: Не заборавајте да го миете вашиот чешел во топла вода, барем еднаш неделно. Исто така, не заборавајте да ги заменувате старите чешли со нови.
Грешка бр. 5: Сушење на косата со крпа
Откако ќе ја измиете вашата коса, нежно впијте ја водата со пешкир, почнувајќи од коренот кон краевите. Немојте да го врзувате пешкирот околу главата, бидејќи тоа може да ги оштети фоликулите на влакната. Можеби тоа ви изгледа како најприфатливо и наједноставно решение за побрзо сушење на косата на природен начин, но имајте на ум дека овој метод не е добар, бидејќи додека е мокра, таа е многу кревка, мека и лесно кршлива. Доколку сакате набрзина да ја исушите косата, наместо пешкир употребете памучна маица за да ја врзете косата во турбан.
Грешка бр. 6: Неправилна употреба на фенот за коса
Неправилната употреба на фенот може да предизвика оштетување на вашата коса. За да ја избегнете оваа грешка, најпрвин впијте ја водата со крпа, а потоа додајте спласнат додаток на фенот и почнете да ја сушите косата од коренот кон врвовите, притоа осигурувајќи се дека додатокот е насочен под остар агол кон прамените коса. Оваа техника помага да се затворат кутикулите. На почетокот, додека косата е сè уште многу мокра, сосема е ОК да го пуштите фенот на највисока температура, а потоа, постепено почнете да ја намалувате температурата за да избегнете пресушување на косата. На крајот, завршете со кусо дување со ладен воздух.
Уште еден совет: Кога купувате фен, дајте им предност на моделите коишто имаат неколку нивоа на температура.
Грешка бр. 7: Занемарување на потребата за носење капи
Придобивките од заштитата на косата од штетните надворешни влијанија можеби ви изгледа преочигледна, но затоа сигурно ќе се изненадите кога ќе прочитате дека повеќето жени одбиваат да ја покријат нивната глава, без разлика на временските услови. Ова е многу сериозна грешка и добро е да знаете дека капите, марамите и шапките ја штитат нашата коса од прашина, нечистотија, ветар, дожд и сонце. Воедно, треба да знаете дека на пример, волнената капа ќе ве заштити од настинки, а капата специјално дизајнирана за сауна ќе ја заштити вашата коса од штетните ефекти на пареата. Како и да е, кога одбирате капа дајте ѝ предност на удобноста (не би сакале да одберете мала, која премногу ќе ве затега, нели?!).
Грешка бр. 8: Спиете на погрешна навлака за перница
Доколку вашата цел е да израснете бујна коса во пократок временски период, треба да ги искористите предностите кои произлегуваат од различни трикови, без разлика колку безначајно можеби ви звучат. Така на пример, треба да ја замените вашата памучна навлака за перница со свилена. Свилата е помазна од памукот и предизвикува помал степен на триење на косата. Исто така, свилата ќе ги спречи големите заплеткувања на вашата коса во текот на спиењето, а на долг рок и ќе го намали нејзиното опаѓање.
Грешка бр. 9: Спиете со косата спуштена надолу
Доколку имате коса со средна или долга должина, треба да ја врзете во плетенка пред да си легнете на спиење. Овој метод, ќе го спречи стуткувањето и мастењето на вашата коса. Како резултат на ова, нема да ви треба толку време за да се подготвите наутро за на работа, што во секој случај е одличен бонус момент, нели?!
Грешка бр. 10: Не се храните здраво
Оскудната и недоволно балансирана исхрана, како и нездравите навики во тајмингот на јадење оброци, предизвикуваат ситуација во која за организмот е невозможно да ги надополни и распореди потребните витамини и минерали. Ако ваквиот стил на живот ви премине во навика, можете да заборавите на тоа дека ќе имате бујна, здрава и прекрасна коса. Има повеќе фактори кои директно влијаат на здравјето на вашата коса.
Прво, редовно внесувајте протеин од животинско потекло во вашите оброци. Човековата коса е сочинета од 65% протеин, така што очигледно е дека тој е од исклучителна важност за неа. Јадете повеќе листест зелен зеленчук, грав, урда, ниско-маслена риба, морска храна и бело месо, кои се исто така, идеални извори на протеини. Втората хранлива, пријателски настроена состојка за вашата коса е цинкот. За да избегнете дефицитарност на цинк во организмот, вашето мени нека опфаќа јајца, морска храна, авокадо, суви сливи и друго. Исто така, немојте да заборавате на железото и калциумот. Нив можете да ги пронајдете во рибата, живината, џигерот, пченицата, хељдата, мешункастиот зеленчук и јаткастите плодови. На крај, не заборавајте да пиете доволни количества вода во текот на денот, за да го хидрирате вашето тело, да го ослободите од токсините и да ги нормализирате телесните функции.
Грешка бр. 11: Не внесувате доволно витамини
За сите нас, храната претставува природен извор на витамини и хранливи материи. Но, многу често, не успеваме да ги внесеме во доволни количества преку секојдневните оброци. Со цел да успеете да постигнете здрава и убава коса, потребно е да го зголемите внесот на витамини преку специјални апчиња и суплементи за коса. Повеќе информации во врска со употребата на витамини за коса, можете да прочитате на Sugar Bear Hair Review, мегапопуларен суплемент за здравје и нега на коса во САД и пошироко. За да одберете најсоодветен план за внес на доволно количество витамини, не заборавајте да се консултирате со вашиот доктор, кој ќе одреди што одговара на вашите лични потреби и преференции.
Грешка бр. 12: Не се грижите околу вашето севкупно здравје
Во некои случаи, ненадејното опаѓање и губење на косата, може да биде знак на некоја сериозна болест, како на пример хормонален дебаланс, дијабетес, стрес, проблеми со гастроинтестиналниот тракт, нерегуларна функција на тироидната жлезда и др. Можеби стресот не го сметате за болест, но добро е да се информирате дека покачените нивоа на стрес, нервоза и тензија се честа причина за намален волумен и опаѓање на косата. Препорачливо е да практикувате јога и медитација, доколку не знаете како да го редуцирате стресот. Нашиот организам работи на начин, којшто овозможува косата да е последна во редот за примање хранливи материи. Токму поради тоа, проблемите со косата може да индицираат проблеми со некои други органи. Во секој случај, најпаметно е да закажете преглед кај трихологист (специјализиран доктор за коса) за да ви биде ситуацијата чиста.
Грешка бр. 13: Користите неквалитетни бои за коса
Повеќето бои за коса содржат амониум – индустриска хемикалија за избелување. Амониумот може да предизвика сериозно оштетување на вашата коса, правејќи ја да изгледа дехидрирано и безживотно. Исто така, прекумерната употреба на бои за коса, може да ги оштети фоликулите на влакната, што пак од своја страна, доведува до опаѓање на косата. Нашиот совет е да почнете да користите природни бои за коса, како што се к’ната, кафето, циметот во прав или лушпите од компир.